Македонската фудбалска легенда, Благој Истатов, кој почина вчера, ќе биде погребан денес во 14 часот на Градските гробишта во Струмица, а претходно, во 11 часот ќе се одржи комеморативна седница во големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, соопштија денес од Координативното тело кое е формирано по повод смртта на Истатов.
Поранешниот голман на струмичка Беласица, Победа од Прилеп, Партизан од Белград и Утрехт од Холандија почина во 71. година од животот.

Беше тренер на повеќе клубови во земјава и странство по завршувањето на кариерата, а најголемите успеси ги постигна со Беласица, меѓу кои и пласман во некогашната Единствена втора лига на Југославија.
Истатов беше член и на Стручниот штаб на македонската фудбалска репрезентација како тренер на голманите, а потоа се вклучи во работата на ФФМ како член на Управниот одбор.



