Истрагата за МПМ е завршена, Срѓан Керим се сомничи за три кривични дела, пишува „Правосудство“

Специјализираниот портал „Правосудство“ пишува дека кривичната истрага за сопствениците на „Медиа Принт Македонија“ е завршена. Порталот дознава истрагата завршила кон крајот на минатиот месец, а некогашниот сосопственик и директор на МПМ, Срѓан Керим, се сомничи за три кривични дела.

Срѓан Керим, според ОЈО ГОКК, ќе треба одговара за: „Злоупотреба на службена положба и овластување“, за „Оштетување или повластување на доверители“ и за „Намерно предизвикување на стечај“

Според сознанијата на „Правосудство“ Керим од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција  е осомничен за сторена „Злоупотреба на службена положба и овластување“, согласно член 353 од Кривичниот законик, за „Оштетување или повластување на доверители“ од член 257 став 3 од КЗ и за „Намерно предизвикување на стечај“.

Според наводите, вработените на згаснатите дневни весници „Утрински весник“, „Вест“ и „Дневник“ и од неделникот „Теа Модерна“, биле во право кога тврдеа дека згаснувањето на фирмата се прави на незаконски начин, а се со цел сопствениците да избегнат исплата на долгувањата коишто менаџментот го има кон нив.

Обвинение за Срѓан Керим, но и за Орце Камчев и за Јана Станисављева може да стигне до крајот на овој месец.

Случајот на МПМ беше инициран со кривична пријава поднесена од новинарите уште на почетокот на мај 2017 година. Поднесената кривична пријава беше прифатена од скопското обвинителство, но и по повеќе од една година, по неа не се постапувало. Предметот доби на интензитет кога премина во СЈО, но по неговото укинување тој беше преземен од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Срѓан Керим веќе неколку години живее во Опатија и има хрватско државјанство.

Извор: Правосудство

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.