Најновите истражувања покажуваат дека COVID-19 е вообичаена појава кај мачките и кучињате чии сопственици биле заразени.
Земени биле брисеви од 310 миленичиња во 196 домаќинства каде претходно била откриена човечка инфекција.
Шест мачки и седум кучиња биле позитивни на PCR тестирањата, додека 54 животни биле позитивни на вирусни антитела.
„Ако имате COVID-19, треба да избегнувате контакт со мачка или куче, исто како и со другите луѓе“, порачува Елс Брунс од Универзитетот во Утрехт, Холандија.
„Главната грижа не е здравјето на животните, туку потенцијалниот ризик дека милениците можат да дејствуваат како резервоар на вирусот и повторно да го внесат меѓу човечката популација“, додава.
Авторите на истражувањето велат дека до сега нема докази за пренесување на болеста од домашно милениче на неговиот сопственик, но и дека е тешко да се открие додека вирусот сè уште лесно се шири меѓу луѓето.
Повеќето заразени миленичиња имаат тенденција да бидат асимптоматски или имаат лесни симптоми на COVID-19.
Истражувачите од универзитетот испратиле подвижна ветеринарна клиника до домаќинствата во Холандија кои биле позитивни за COVID-19 во одреден момент во последните 200 дена.
Земени се примероци од нивните мачки и кучиња за да се испита дали има докази за моментална инфекција, додека примероците од крвта биле тестирани и за антитела, што укажува на претходно изложување на COVID-19.
Резултатите беа презентирани на Европскиот конгрес за клиничка микробиологија и инфективни болести: 4,2% од примероците покажале тековна инфекција, а 17,4% биле позитивни на антитела.
Контролните тестови покажаа дека сите PCR-позитивните животни ја победиле инфекцијата и продолжиле да развиваат антитела.
Истражувачите велат дека најверојатниот пат на пренесување на вирусот е од човек на животно, а не обратно.