Исхраната може да влијае на менталното здравје: Овие намирници ја зголемуваат анксиозноста

Сè повеќе луѓе денес се справуваат со анксиозност и чувство на внатрешна напнатост. Иако причините можат да бидат различни, исхраната игра важна улога во тоа како се справуваме со психолошките предизвици.
Некои видови храна може дополнително да ги влошат симптомите на анксиозност, па затоа е важно да знаете која храна да ја избегнувате или барем да го намалите нивниот внес.
Иако алкохолот на прв поглед изгледа релаксирачки, тој всушност ја нарушува хемиската рамнотежа во мозокот, особено влијаејќи на серотонин – хормонот одговорен за доброто расположение. Откако ќе исчезнат ефектите од алкохолот, многу луѓе забележуваат влошување на нивната анксиозност.
Освен ако вашиот лекар конкретно не препорачал да избегнувате алкохол, повременото консумирање во мали количини може да биде прифатливо. Меѓутоа, во социјални ситуации, се повеќе се препорачуваат алтернативи како што се безалкохолно пиво, минерална вода со вкус или моктели – коктели без алкохол.
Кофеинот, кој најчесто се консумира преку кафе, чај и енергетски пијалоци, може да биде поттик за епизоди на анксиозност, особено кај луѓето кои се веќе чувствителни на него. Зголемениот внес на кофеин може да предизвика напнатост, забрзано чукање на срцето, па дури и напади на паника. Ако забележите дека кафето ви ја зголемува нервозата, обидете се да го замените со билни чаеви кои имаат смирувачко дејство – како лаванда, камилица, нане или маточина.
Рафинираните шеќери може да предизвикаат ненадејни флуктуации на нивото на шеќер во крвта, што често доведува до промени во расположението, раздразливост и зголемена напнатост. Прекумерниот внес на шеќер, според некои истражувања, негативно влијае на лачењето на допамин – невротрансмитер поврзан со чувството на задоволство. Покрај очигледните слатки, шеќерот често се крие во производи како готови сосови, житарки за појадок и разни додатоци.
Храната како белиот леб, обичните тестенини, белиот ориз и газираните пијалаци содржи преработени јаглехидрати кои се поврзани со зголемени симптоми на анксиозност и депресија. Долготрајното консумирање на такви производи може негативно да влијае на менталното здравје.
Наместо тоа, се препорачува да се вклучат цели зрна како тестенини од цели зрна, кафеав ориз, леќата или киноа, кои му даваат енергија на телото без нагли промени на расположението.

Пронајдете не на следниве мрежи: