Најновите податоци од студијата на Европската иницијатива за прекумерна тежина кај децата (COSI) покажуваат сериозни предизвици поврзани со исхраната и телесната тежина кај децата на возраст од 6 до 9 години во Северна Македонија, објави Институтот за јавно здравје денес на Светскиот ден на дебелината, пренесува Телеграф Македонија.
Институтот известува дека 31,2 проценти од децата се со прекумерна тежина, а 13,7 проценти од нив живеат со дебелина, што е над просекот за европскиот регион, 25 проценти и 11 проценти, соодветно.
„Прекумерната тежина и дебелината се почести кај момчињата отколку кај девојчињата. Само 25 проценти од децата јадат свежо овошје секој ден, што е најниска дневна потрошувачка на овошје во целиот европски регион. Вкупно 20 проценти консумираат свеж зеленчук секој ден, што е исто така меѓу најниските нивоа во Европа. Солена храна консумираат 40 проценти од децата, повеќе отколку во земјите вклучени во студијата COSI во европскиот регион. Повеќе од половина или 51 процент од децата редовно консумираат слатка храна три или повеќе дена во неделата“, објави ИЈЗ.
Кога станува збор за физичка активност, 40 проценти од децата поминуваат повеќе од два часа на ден пред екрани – телевизор или електронски уреди, 63,3 проценти од децата пешачат или возат велосипед до училиште – меѓу оние што живеат на растојание до два километри, оваа навика ја практикуваат до 89 проценти, 94 проценти од децата имаат барем еден час време за игра секој ден, 48,2 проценти активно спортуваат или танцуваат повеќе од два часа неделно. Огромното мнозинство, 88,6 проценти, спијат најмалку девет часа навечер.
ИЈЗ, исто така, сподели податоци за социјалните фактори и родителската перцепција.
„Децата со прекумерна тежина и дебелина живеат во семејства чии родители имаат ниско или средно ниво на формално образование. Децата кои практикуваат навики за поддршка на здравјето живееле со родители кои имале повисоко ниво на образование. Постои ниска свест кај родителите за препознавање на прекумерна тежина и дебелина кај своите деца. Кај повеќе од половина од децата кои живеат со прекумерна тежина и/или дебелина, родителите сметаат дека телесната тежина на нивните деца е во рамките на препорачаните граници на „нормална телесна тежина““, додава ИЈЗ
The post ИЈЗ: Во Македонија, 13,7 проценти од децата се дебели appeared first on Во Центар.
Пронајдете не на следниве мрежи:



