И Грција воведува строги мерки за невакцинираните – можно е да се врати и носењето маски на отворено

Наскоро и во Грција ќе бидат воведени рестрикции и истите, според денешната најава од грчката Влада, ќе важат најмногу за невакцинираните граѓани.
Рамката и начинот на кој ќе функционираат економијата и општеството во Грција во следниот период ќе бидат соопштени во текот на следната недела, веројатно во вторник.
Сепак, владиниот портпарол Јанис Иконому, за телевизијата „Скај“, откри дел од нив.
„На оние кои се вакцинирани ќе им се даде можноста да имаат поголема удобност во движењата, поголеми можности и опции. За останатите, ќе постојат одредени места за тестирање, што ќе биде на сопствен трошок. На пример, од вработените во јавниот и во приватниот сектор, кои не се вакцинирани, ќе се бара да вршат лабораториски тестови на сопствен трошок по фиксна цена. Но, повторувам, за жал, на нивен трошок еднаш или двапати седмично од септември па натаму“, вели Иконому.
Иконому го потврди она што неодамна го истакна и грчкиот премиер, дека во никој случај економијата нема да се затвори и нема да има карантин како оние од изминатиот период, но можни се низа мерки за заштита од ширењето на вирусот, кои пред сè ќе се однесуваат на затворените простори, но ќе бидат земени предвид и одредени критериуми.
Иконому ја остави отворена можноста одново да биде воведено задолжителното носење маска на отворено, доколку тоа го препорачаат експертите.
„Со температури од 40 степени, очигледно не е лесно да се носи маската. Но, се движиме кон период со пониски температури, кога луѓето се враќаат од одмори, ќе има повеќе гужви и раздвиженост надвор. Тоа е мерка што функционираше и што треба одново да се разгледа во следниот период. Секако, експертите ќе излезат со став за конкретната тема“, наведува портпаролот на грчката Влада.
Засега во Грција маските се задолжителни само во затворени простории, додека пак внатрешните делови на угостителските објекти и ноќните клубови работат само за вакцинирани или лица кои прележале Ковид-19.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.