КАВГИ ВО НЕГОТИНО, ЗА ВРАБОТУВАЊАТА ОДЛУЧУВА КОМИТЕТОТ НА ПАРТИЈАТА | ЖЕСТОКА ПРЕПИСКА ОБЈАВЕНА НА ФЕЈСБУК

Должен сум да споделам на кој начин се избираат лицата кои треба да ги образуваат и воспитуваат Вашите деца и внуци, без разлика на консеквенциите по мене или мојата фамилија, која е чесна и секогаш се залагала за правда, ред и поредок, иако ни лепеле разноразни етикети. Сакам да знаете дека ништо не е променето, а и тешко нешто да се смени. Тие што добро ме познаваат знаат дека секогаш сум бил критичар на состојбите, кој упорно не се откажува, а немам намера тоа да го сторам и сега. Изминативе години, бев и можев да бидам виден со секого во кого гледав барем малку надеж, да ги промени нештата и тоа не го негирам. Едноставно секогаш бев со намера да оставам простор за правда и правично општество, кое ќе се развива, а нема да биде дувло на партиски послушници. Давав и ќе давам свој придонес преку проекти и идејни решенија и од тоа не се откажувам, но се изморив од неправди.

РЕДАКЦИСКИ СТАВ:

ИМИЊАТА НЕМА ДА ГИ СОКРИЕМЕ БИДЕЈЌИ ОД АВТОРОТ СЕ ОБЈАВЕНИ ЈАВНО БЕЗ РЕСТРИКЦИИ НА НЕГОВИОТ ПРОФИЛ. ЈАВНОСТА ИМА ПРАВО ДА ЗНАЕ КАКО СЕ РЕШАВААТ РАБОТИТЕ ВО НАШАТА ДРЖАВА.

Ова не го пишувам бидејќи не сум успеал да остварам личен интерес, иако нашиот пример е судбина на многумина наши сограѓани. Многу од Вас знаат дека мојата мајка Јаначкова Павлина беше докажан професор по француски јазик професионалец во својата област, најпрво своевремено неподобна за струкури на сдсм, а подоцна и за структури на вмро-дпмне.

За мојата мајка, почитувани, никогаш немаше место, и екогаш при доделување на полн фонд на часови и вработување имаше некој поподобен и одобрен од ”општински”, а со амин и на Градоначалникот. Епа сметам дека на ова лудило мора да му се ставе крај, без разлика дали мојата мајка ќе добие место под ова сонце и ќе и се оствари животната желба да едуцира деца, иднината на нашата држава.

Додека градот ни пропаѓа, младите не гледаат иднина овде, сакам да знаете дека Градоначалникот и нашиот пратеник Златко Пенков, единствено ги бранат интересите на ”општински” кој е воглавно и сочинет од лица кои се партиски марионети и слепи послушници.

Морам да признаам дека денес имав доста конструктивна средба со Министерката за образование, која и нагласи дека овој начин на избор мора да се промени, но локалните шерифи дефинитивно немаат слух, па така личности што цел живот црпат државни и општински ресурси се поставуваат за многу важни во општеството. Таков е случајот со поставување на личноста Донов (Роси) за директор на градскиот музеј, долги години вработен во општината, и сега неговата сопруга Андријана Донова која треба да биде вработена како наставник во ООУ Гоце Делчев, со амин од ”општински” и пратеникот Златко Пенков, а на место извршители се Градоначалникот д-р. Горан Стојанов и директорката на ООУ Гоце Делчев, г-ѓа Елена Стојанова. Лицата ги именувам, апсолутно не со цел да ги жигосувам, туку едноставно ги повикувам на дискусија, а со цел рамноправност да ме демантираат, доколку секако не ја зборувам вистината.

За таа цел го повикувам и Премиерот Проф. д-р. Христијан Мицкоски, да покаже и докаже дека времето на вработување на лица по партиски заслуги е завршено, како што беше и предизборно ветено.

Сепак потсетувам, работа на Градоначалникот е да се бори за развој на еден град, работа на еден пратеник е да предлага закони во интерес на своите сограѓани, а партијата служи за колективен добробит на сите граѓани без разлика дали е електирана од истите, а не е биро за вработување.

Доколку сакаме иднина, овде, во Неготино, овде во Македонија, нешто мора да се промени, доколку не, борбата продолжува.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.