„На некој начин фокус ни е сивата економија. Ако зборуваме дека јавно достапни податоци, и од странски институции како и од наши кои мерат, велат дека помеѓу 30 и 40 проценти имаме сива економија, тоа е огромна бројка. Ние сега тојнеформален дел, треба да го направиме да биде формален“, вели Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
360°: Кога го споменувате проектот со „Бехтел и Енка“, ако бидете во позиција утре да бидете на власт, во следните неколку години ќе ви бидат врзани околу 250-300 милиони евра на годишно ниво за финансирање на овој проект. Ако на тоа ги додадеме и обврските што ќе доспеваат по основ на камати и на главнина за отплаќање, за кредити, за еврообврзници што биле издавани, колкав ќе биде фискалниот простор за воопшто да може да нудите капитални инвестиции во следниот период? Зошто се смеете?
Димитриеска-Кочоска: Затоа што констатираме сега од вашето прашање дека имаме фискална провалија. Мислам, еве, од прашањето кое ми го поставувате може да заклучиме дека буквално сме во банкрот. Зошто велам во банкрот…
360°: Ама сега тоа повлекува и друго, да видиме колку тоа што го нудите ќе биде реално возможно.
Димитриеска-Кочоска: Така е, затоа ние и многу внимаваме. Ние направивме проекција на буџетот до 2028 г. многу внимателно и притоа сме многу внимателни во подготвување на програмата и уште повнимателни сме поради тоа што не знаеме и што не чека, бидејќи имаме информации дека состојбата е уште пострашна од тоа што ние го знаеме, вака како оној транспарентен дел. Има дел за кој воопшто немаме јавни информации.
360°: На што мислите?
Димитриеска-Кочоска: Па, има и други работи кои се преземени како обврски коишто кога ќе влеземе во институциите ќе видиме… Внимавајте – еве, Фискалниот совет даде свое мислење за Фискалната стратегија каде што кажува дека доколку ги додадеме обврските кои не се евидентирани во буџетот, бидејќи буџетот евидентира само плаќања, вие не знаете колкави се обврските на институциите.
360°: Преземените обврски?
Димитриеска-Кочоска: Не само преземените, во моментот ние не знаеме заклучно со 31 декември колкав бил долгот на секоја од институциите. Има фактури кои не се платени, тоа треба да го извадиме, да видиме, да погледнеме.
360°: Тоа што би го покажала завршна сметка на фирма, а не го покажува буџетот.
Димитриеска-Кочоска: Е така, тоа што буџетот не го покажува е многу голема аномалија. Да, во ред, начинот на евидентирање е таков, но од друга страна мора да најдеме начин како ние транспарентно ќе ги вадиме тие податоци. На времето, се сеќавам, Тевдовски кога стана министер првото што го направи беше тоа СПО вадење на податоци, го направи тој систем.
360°: „Опен фајнанс“?
Димитриеска-Кочоска: Не „Опен фајнанс“, ова е баш податоци од институциите за нивниот долг на секој квартал, меѓутоа ако ги погледнете податоците, ќе видите дека институциите квартално не известуваат односно некои известуваат, а некои не. Врз основа на тоа вие не можете да кажете отсега колкав е долгот на тие институции, бидејќи јасно се гледа таму дека сликата не е реална.
360°: Да се вратиме на прашањето за капиталните инвестиции ако утре бидете на власт.
Димитриеска-Кочоска: Е сега, во однос на тоа има неколку аспекти кои ние ги разгледувавме. Прво, мислам дека ние мора да бидеме реални и да си кажеме дека, сакам да кажам дека ние досега бевме, можеби поразлично се изразувам, ние досега бевме многу искрени и кажувавме дека има многу корупција, криминал и така натаму. Во тој дел, во нашата програма има нула корупција, тука сме посебно фокусирани и ќе бидеме фокусирани во иднина и тоа нема повеќе да се толерира. Значи, на некој начин фокус ни е сивата економија. Ако зборуваме дека јавно достапни податоци, и од странски институции како и од наши кои мерат, велат дека помеѓу 30 и 40 проценти имаме сива економија, тоа е огромна бројка. Ние сега тој неформален дел, треба да го направиме да биде формален.
360°: Госпоѓо Димитриеска-Кочоска, знаете дека која влада како ќе дојде зборува дека како приоритет ќе го има ова – да ја намали сивата економија, зборуваат за тоа дека претходните краделе, имало високо ниво на корупција, дека тие нема да го прават тоа, но како ќе заседнат во фотелјите така овие прашања остануваат настрана, така што како сега ние да верувавме дека вие навистина ќе се зафатите прво за сивата економија?
Димитриеска-Кочоска: Многу е едноставно, затоа што друг простор нема. Мислам, тука треба да бидеме на чисто сите, ние ќе работиме на раст на економијата. Еве, овие 700 милиони евра кои ги спомнав дека биле искористени за да кажеме, или биле евидентирани посоодветно да кажам како капитални расходи, а не се реално капитални расходи, значи структурно имаме проблем кај капиталните инвестиции, тоа нема да се дозволи понатаму. Нема да се дозволи инвестиции без да има физибилити-студија, макар и внатрешно направена која ќе потврди дали навистина проектот има додадена вредност или не.
360°: Ова не е сива економија..
Димитриеска-Кочоска: Тоа сакам да кажам, ова е едниот дел, во делот на сива економија, нема простор за компромис веќе таму, не може, внимавајте ние одиме повторно со политика на ниски рамни даноци затоа што сметаме дека тоа е фер.