Гладни сме Господи за братство, да го делиме сочувството на Отецот кон секоја личност, посебно кон оние за кои никој не се грижи, кои се заборавени или понижени, порачуваше папата.
Ќе ве понесам во моите молитви, а ве молам и вас – да се молите за мене. Тоа беа последните зборови на Папата Франциско, со кои ја заврши обраќањето по двочасовната света литургијата во Скопје, на 7-ми мај 2019 година.
Папата Франциско, кој вчераутро почина на 88-годишна возраст, беше единствениот папа што ја посетил Македонија. Скопје, пак, е родното место на нашата најпозната сограѓанка Мајка Тереза, која папата Франциско ја прогласи за света три години пред неговата апостолска посета. Она што им беше заедничко, беше грижата за сиромашните, болните, маргинализираните…
Неговата посета на Македонија се реализираше во годината кога земјата одбележа 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи со Ватикан, заснована на пријателските односи, на значајни историски врски и споделени духовни вредности.
Беше дочекан со леб и сол, во духот на македонската традиција. „Храната“ што тој ден сите ја очекуваа, беа неговите пораки од светата литургија во Скопје. Доживуван како морален авторитет на денешницата, папата се осврна на денешницата – во сржта.
„Навикнати сме да го јадеме тврдиот леб на дезинформацијата, и завршувме како затвореници на дискредитацијата, на етикетите и презирот. Верувавме дека конформизмот ќе ја намали нашата жед, и завршивме напоени со рамнодушност и бесчувствителност. Се нахранивме со раскошни и големи соништа и завршивме со јадење одвратност, затвореност и осаменост. Се заситивме со поврзување и го загубивме вкусот на братството. Баравме брз и сигурен резултат и еве се наоѓаме совладани од нетрпеливоста и нервозата. Како затвореници на виртуалноста, го изгубивме вкусот и мирисот на реалноста”, посочи папата.
„Ова многу добро го знаеше Мајка Тереза…”
На светата литургија на скопскиот плоштад „Македонија” присуствуваа околу 15.000 луѓе од земјата и странство, како и 300 новинарски екипи од целиот свет. Оттаму поглаварот на Римокатоличката црква испрати порака за излез од индиферентноста, за сплотување и споделување со оние кои се зборавени или понижени.
„Да кажеме силно и без страв – гладни сме Господи! Гладни сме Господи за лебот на твоето слово, способно да ги отвори нашите затворености и нашите осамености. Гладни сме Господи за братство, каде индиферентноста, дискредитирањето и клеветењето нема да ги наполнат нашите маси, и нема да го заземат првото место во нашиот дом. Гладни сме Господи за средби, во кои твоето слово ќе биде во состојба да ја издигне надежта, да ја пробуди чувствителноста, да го сочувствуваме срцето, отворајќи патишта за преобразување и преобраќање. Гладни сме Господи за искусување, за доживување, за умножувањето на твоето милосрдие способно да ги скрши стереотипите. Да го делиме и споделуваме сочувството на Отецот кон секоја личност, посебно кон оние за кои никој не се грижи, кои се заборавени или понижени“, порача папата.
Папата Франциско, кој на 4-ти септември 2016 година, (еден ден пред 19-годишнината од нејзината смрт) ја прогласи Мајка Тереза за света, среде нејзиниот роден град потсети на нејзиното дело.
„Глад за леб, глад за братство, глад за Бог… Како сето ова многу добро го познаваше Мајка Тереза, која сакаше да го изгради својот живот на два столба: на Исус присутен во евхаристијата, и на Исус присутен во сиромасите – во љубовта што ја добиваме, и во љубовта што ја даваме. Два разделени столба кои го одбележаа нејзиниот пат, ја придвижија, желна и самата да ја смири својата глад и жед. Таа отиде кај Господ, и во исто време кај понижениот, несаканиот, осамениот и заборавениот брат. Отиде кај братот и го најде лицето на Господа, бидејќи знаеше дека божјата љубов и љубовта кон ближниот постојат заедно. Токму таа љубов беше единственото нешто способно да ја засити гладта“, рече Папата Франциско, во родниот град на Мајка Тереза.
Најбавите мозаици
Уште пред доаѓањето во Македонија, тој го истакна богатството на различностите и нивното значење и вредност.
„Најубавите мозаици се тие што имаат многу бои“, порача папата преку видео порака.
Од плоштадот во Скопје упати порака за пријателство и пожртвувана посветеност за ближниот.
„Ќе одиме на олтарот за да се нахраниме со лебот на животот, следејќи го Господовиот мандат – кој доаѓа при мене нема да огладни, и кој верува во мене нема никогаш да ожедни. Единственото нешто што Господ го бара од нас, е – дојдете! Не поттикнува да одиме кон него за да станеме дел од самиот негов живот и од неговата мисија. Дојдете – ни вели Господ. Едно доаѓање, кое не значи само поместување од едно место кон друго, туку способност да можеме да се поместуваме, да го трансформираме словото во нашите избори, во чувствата, во приоритетите за правење на неговите исти гестови и зборување со неговиот ист речник – речникот на лебот што изразува нежност, пријателство, пожртвувана посветеност за ближниот. При секоја евхаристија Господ се прекршува и се дели за нас. Па така, не кани и ние да се прекршуваме и да се поделиме заедно со него и да учествуваме во чудото на умножувателот, кој сака да стигне и да допре до секој агол од овој град, од оваа земја, со малку нежност и сочувство“, рече папата.
Им се заблагодари на сите кои учествувале во подготовката за тој ден – на епсископот во Скопје, а свештениците, монасите, монахињите, верниците, им оддаде признание на државни власти, на силите на редот и волонтерите.
„Од срце ви благодарам. Господ Бог знае најдобро секого од вас да награди. Од моја страна ќе ве понесам во моите молитви, а ве молам и вас – да се молите за мене”, рече тој.
Извор: Дојче Веле