Како да го подобрите односот со родителите по семејна расправија?

Многу често вложуваме време, енергија и емоции за да ги подобриме односите со партнерот или пријателите, особено по расправија или тежок период.

Меѓутоа, кога станува збор за подобрување на влошените односи со семејството, особено со родителите, стануваме претпазливи, па дури и тврдоглави.

Иако секое семејство е различно и односите меѓу членовите се уникатни, тоа не значи дека нема решение за вашиот нарушен однос со родителите, а тука станува збор за вашиот однос како деца и родители и меѓу вас и нив како возрасни луѓе.

По расправија со родителите, следете ги овие чекори што ги предлагаат психотерапевтите за да ги подобрите односите и да ги одржите во добра состојба во иднина.

Изгасете го огнот
Нема поента да ги расчистувате нештата додека уште е вжештена атмосферата. Ако сте гневни, прво ослободете се од гневот. Откако ќе се смирите, јавете им се и кажете им дека сакате да разговарате.
Почнете го разговорот без конфронтација. Најпрво, треба да се признае дека ситуацијата не е во ред и да покажете дека имате волја да се реши. Многу е важно како ќе ѝ пријдете на ситуацијата. Треба да бидете внимателни и тактични. Покажете волја за помирување, воздржете се од обвинувања и зборови од кои најверојатно подоцна ќе зажалите и зборувајте смирено и тивко. Ако сметате дека уште има жар во дискусијата, направете пауза.

Вложете напор
Психотерапевтите советуваат дека е добро да кажете зошто сметате дека вашиот однос се влошил. Но, тоа не треба да биде фокусот на вашите напори, туку треба да покажете во која насока сакате да се движи вашата врска.
Почнете со мали чекори – јавувајте се почесто, одете си на гости без повод, а потоа воспоставете некој редовен распоред на семејни средби, како семеен ручек неколку пати во месецот или некоја заедничка активност на неколку месеци.

Активатори
Кога им давате на родителите „втора шанса“, односно се обидувате да го подобрите односот со нив, напорите се речиси исти како и кога решавате проблем во која било врска.
Најдобро е да почнете со идентификување на проблемот. Има бројни причини зошто се влошиле односите меѓу вас, од незначајна расправија што не се разрешила, до сериозни проблеми. Најчестите активатори на расправија се:
Недоразбирање: Конфликтот со едниот или двајцата родители можеби произлегол од погрешно толкување на нечија изјава или однесување.
Генерациски јаз: Различните сфаќања на генерациите денес се поизразени од кога било, поради различните начини и стилови на живеење. Поради генерацискиот јаз може да дојде до тешкотии да се сфати и да се разбере позицијата од која поаѓа другата страна. Честопати родителите не ве сфаќаат зошто носите некои одлуки или вам ви е тешко да сфатите зошто имаат проблеми со сфаќање и прифаќање на вашите постапки.

Не сте единствените
Треба да запомнете дека конфликтот не е само ваш проблем, туку се одразува на целото семејство.
Вашите расправии со родителите може да се одразат на односите со браќата или сестрите, но и во односите меѓу вас и вашите деца и односите на бабите и дедовците со внуците.
Понекогаш можеби ќе биде потребно да побарате помош од психотерапевт или да посетувате семејно советувалиште. Неутралната средина и посредништвото на психотерапевтот/советувачот може да ви помогнат да ги согледате нештата од поинаква перспектива и да почнете да градите подобри односи со вашите родители.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.