Кето, паганска, петдневна, со постење, без месо, без шеќер, со супа, со зелка, без ова, без она… нема ден да не слушнете некоја нова диета, односно режим на исхрана, што ветува чуда и слабеење за кратко време.
И самите сте пробале многу од нив и не сте биле задоволни од резултатите или барем не долгорочно. Затоа одново и одново барате магично решение за вишокот килограми, масните наслаги, „спојлерите“ на струк и „свадбарките“ на рацете.
И така магепсаниот круг на изгладнување и прејадување продолжува. Резултатот е катастрофален: забавен метаболизам, иста бројка на вагата и неретко – паднат имунитет и влошено здравје.
Затоа прекинете го магепсаниот круг. Решението ви е пред носот. За да ослабете успешно доволно е разумно да ги намалите порциите и да воведете редовна физичка активност.
Тоа значи дека навистина нема одрекувања, нема забранети намирници. Клучот е во умереноста и балансираноста. Ако ја распоредите храната во неколку помали оброци – појадок, ужина, ручек, попладневна ужина и вечера, нема да гладувате и ќе бидете сити цел ден. Резултатите ќе бидат видливи за брзо време, а вие ќе бидете позадоволни со себе и здрави.
Онолку колку што сте изеле мора и да потрошите. За тоа ќе ви помогне физичката активност што мора да ја воведувате постепено, умерено и континуирано. Секое трошење на енергија се важи – пешачење, брзо одење, трчање, танцување, возење велосипед…
Треба да вежбате најмалку три пати неделно со вкупно траење од 150 минути.
Бројни истражувања покажале дека луѓето кои се физички активни имаат попозитивен поглед на себе и на околината. Тоа ќе ви го намали нивото на стрес, главниот виновник за таложење на масни наслаги околу струкот и стомакот.
Не заборавајте дека менталното здравје е подеднакво важно колку и физичкото. Посветете си време за себе и главната цел нека ви биде да бидете здрави и способни, а не „совршено слаби“.