Социјалната анксиозност може негативно да се одрази врз вашето секојдневие и да ви постави ограничувања кои пак можат да бидат пречка при остварување на вашите цели и идеи. Во продолжение прочитајте ја нашата листа со совети за справување со ова психолошко нарушување.
Како да се справите со социјалната анксиозност?
Соочете се со вашите стравови
Ова е еден од најчестите, но и најкорисните совети што можете да го добиете во врска со социјалната анксиозност или социјалната фобија. Доколку не се соочите со вашите стравови, тие секогаш ќе бидат присутни. Колку и да ви се чини невозможно или страшно ако самите се појавите на забава, сепак колку почесто го правите тоа, толку побрзо ќе се навикнете. Тоа е исто како и првиот ден на работа – по неколку недели ќе успеете да се вклопите во новата средина. Започнете така што ќе се соочите со најмалите стравови како на пример да се појавите сами во бар или да започнете разговор со непознат човек на автобуската станица.
Разговарајте за вашите стравови
Добра идеја би било да присуствувате на состаноци организирани токму за луѓе кои го делат вашиот проблем. Разговорот со нив може да ви помогне да го надминете вашиот страв, а можеби ќе откриете и дека сте помалку анксиозни од другите луѓе во групата.
Вежбајте медитација
Медитацијата може да биде одлична алатка за справување со секаков вид анксиозност, а едноминутната медитација можете да ја користите секогаш кога ќе се чувствувате вознемирени. Затворете ги очите и фокусирајте се на дишењето околу 60 секунди. На овој начин ќе го забавите дишењето, ќе се ослободите од негативните мисли и веднаш ќе се почувствувате помирно.
Пробајте нешто ново
Многумина се чувствуваат вознемирени секогаш кога испробуваат нови работи, но новото хоби може да биде добар начин за да се ослободите од срамежливоста и социјалната фобија. Правете ги работите кои отсекогаш сте сакале да ги правите, но сте немале храброст за тоа. Почнете со часови по готвење или танцување – ќе имате можност да запознаете нови луѓе со кои ќе имате заедничка тема на разговор.
Водете дневник
Секогаш кога ќе се почувствувате вознемирено, опишете го чувството во вашиот дневник и обидете се да ја откриете која е причината за анксиозноста. На тој начин, пишувањето и споделувањето на вашите чувства на хартија ќе ви помогне да сфатите дека понекогаш вашата вознемиреност е ирационална – пример кога сте вознемирени пред да влезете во автобус бидејќи сметате дека останатите патници ќе зјапаат во вас. Дневникот може да ви помогне и да направите интроспекција и да увидите колкав напредок сте направиле во последно време.
Не заборавајте дека не сте сами
Многумина се справуваат со истите проблеми со кои и вие се соочувате, но секој го прави тоа на различен начин. Сепак, доколку почувствувате дека вашата социјална анксиозност е надвор од контрола, обидете се повторно да воспоставите контрола над вашиот живот и да уживате, макар и да се работи за мали чекори. На тој начин ќе добиете поголема самодоверба да се соочите со светот околу вас.