Траумите останаа…
Како што започна првиот Грен слем во годината, Австралија Опен, се повеќе се потсетуваат на хоророт што Новак Ѓоковиќ го доживеа пред една година во оваа земја. Скандалот со депортацијата на тогашниот тенисер број еден во светот, иако во Мелбурн дојде со сосема редовна виза, се уште ја тресе Австралија и белиот спорт.
Несомнено е дека на Ѓоковиќ му е најтешко, но и тој треба уште еднаш да го помине целиот тој пат за да им објасни на сите што се случи, бидејќи не му беше дадена можност пред една година.
- Се надевам дека ќе ја освојам десеттата титула во Мелбурн, но не заборавив што ми се случуваше – изјави Ноле во интервју за една телевизија. Одеднаш станав најголемиот злосторник на светот, а тоа е тешка позиција кога си спортист – истакна Ѓоковиќ.
Еден од најдобрите светски тенисери опиша и колку му било тешко кога се вратил во Белград.
-Не излегов од дома неколку недели. Се надевав дека ситуацијата ќе се смири, што и се случи, но трагите останаа. Трагите од се што се случи ме следеа неколку месеци. Не знаев како тоа ќе влијае на мојата игра. Не ми беше лесно психолошки да се средам и да почнам одново – си ја отвори душата Новак.
Иако помина една година, приказната се уште не е завршена.
- Се уште ги чувствувам трагите од се што ми се случи. На секоја прес-конференција ми поставуваат најмалку две-три прашања за Австралија и што ми се случи минатата година. Дури и да сакам да заборавам на сè, луѓето постојано ме потсетуваат.
Тој вели дека ја разбира тежината на ситуацијата во која се наоѓал Мелбурн пред една година. Нејзините граѓани поминаа низ едно од најригорозните заклучувања поради корона и тој дојде невакциниран, но со правен статус на медицински исклучок.
- Ја разбирам нивната фрустрација, но морам да кажам дека тамошните медиуми целосно погрешно ја претставија целата ситуација. Моето медицинско ослободување го верификуваше независно тело, кое не ни знаеше за кого се работи, бидејќи сите барања беа анонимни. А пред мене во Австралија со истиот исклучок влегоа уште неколку луѓе. Сакав да останам да играм тенис, но се излезе од контрола и не можев повеќе да издржам.
Дури сега доби шанса да им објасни се на Австралијците:
- Најмногу ме боли што луѓето имаа погрешна претстава за тоа што се случи. Медиумите со месеци претходно пишуваа негативно за мене и тоа создаде многу проблеми за мојот бренд и мене лично, како и за луѓето околу мене. Не би рекол дека ќе уништи се што сум постигнал, но има доволно силно ехо што луѓето се уште зборуваат за тоа и долго ќе го паметат – заклучува Ѓоковиќ.