Научниците открија нов вид на џиновска анаконда во оддалечена и скриена област на Амазон со помош на домородно племе.Биологот Брајан Фрај од Универзитетот во Квинсленд во Австралија го предводеше тимот кој пронашол и проучувал неколку примероци од новооткриената северна зелена анаконда во регионот Бамено.„Ние бевме поканети од племето Ваорани да го истражиме регионот и да собереме примероци од одредена популација на анаконди, за кои се шпекулира дека се најголемите досега. Локалните ловци не испратија во џунглата на 10-дневна експедиција. Племето, всушност, ги смета овие змии за свети“, рече тој.Фрај вели дека северната зелена анаконда се разделила од јужната зелена анаконда пред речиси 10 милиони години и дека генетски се разликуваат за 5,5 проценти.„Ова е многу значајна промена. На пример, луѓето генетски се разликуваат од шимпанзата само за околу 2 проценти. Ова откритие е врв во мојата кариера“, додава тој.Во истражувањето учествувал и холандскиот биолог Фрик Вонк, кој пред неколку дена на Фејсбук објави неодамнешна снимка од средба со новооткриен вид џиновска змија.„Видеото ја прикажува најголемата анаконда што некогаш сум ја видел. Дебелa е како автомобилска гума, долга осум метри и тешка преку 200 килограми – со глава колку мојата“, напиша тој.Досега се препознаени четири видови анаконда, вклучувајќи ја и зелената анаконда (позната и како џиновска анаконда). Зелените анаконди се вистински џинови меѓу рептилите. Најголемите женки можат да пораснат над седум метри и да тежат над 250 килограми.Овие животни се добро прилагодени на животот поминат главно во вода. Ноздрите и очите им се на врвот на главата, така што тие можат да гледаат и да дишат додека остатокот од нивните тела е потопен.Тие се во маслинеста боја со големи црни дамки, што им овозможува да се спојат со околината. Зелената анаконда лесно се движи низ вода и може да нападне голем плен како елени.Овие суштества не се отровни. Тие го зграпчуваат пленот со големи, флексибилни вилици, а потоа го гушат и го скршуваат со моќните тела пред да го проголтаат.Истражувањето, насловено „Дистрибуција на анакондите: Откривање на нов зелен вид и преиспитување на жолтите“, е објавено во списанието MDPI Diversity .
Пронајдете не на следниве мрежи:



