Како пржената храна влијае врз вашето здравје и зошто треба да ја избегнувате?

Длабокото пржење односно потопувањето храна во поголеми количества масло е вообичаен метод на готвење насекаде ширум светот. Пржењето е основниот процес на готвење на производите што се дел од индустријата за брза храна. Според тоа, не би требало да ве зачуди тоа што ланците за брза храна се одликуваат со ниски цени, што од друга страна резултира со висока потрошувачка од страна на муштериите. При пржењето, храната во контакт со маслото на високи температури минува низ физички и хемиски промени при што се губат дел од хранливите состојки и се создаваат токсични материи.
Како пржената храна влијае врз вашето здравје и зошто треба да ја избегнувате?
Во последниве години честопати се поставува прашањето дали воопшто е здрава храната подготвена со длабоко пржење, поради што сè поголем број луѓе наоѓаат алтернативи за подготовка на своите омилени јадења. Во продолжение дознајте како пржената храна влијае врз вашето здравје и како можете да ја замените со поздрави опции.
Пржената храна е висококалорична
Сигурни сме дека многумина од вас не можат да си го замислат животот без пржена храна која ги вклучува помфритот, рибата, пилешките стапчиња, похуваниот кашкавал, како и многу други гурмански задоволства, но на сите нас ни е познат фактот дека оваа храна содржи многу калории. При пржењето, храната ја губи водата и ги впива мастите од самото масло што дополнително ја зголемува нејзината калориска вредност. Внесувањето маснотии преку исхраната може да доведе до зголемување на крвниот притисок и висок холестерол што од друга страна, се главни фактори на ризик од развој на срцеви заболувања. Една од алтернативите што ние ви ја предлагаме е да готвите во фритеза при што нема потреба да употребувате масло затоа што фритезата работи на принципот на циркулација на топол воздух. Предноста на овие апарати е тоа што храната останува крцкава однадвор, а мека одвнатре, исто како традиционално пржената храна. Печењето во рерна е друга алтернативна опција кога станува збор за замена на пржената храна, со што храната станува крцкава и тоа со употреба на мала количина масло. Сè популарна е и употребата на маслиново масло што се користи како замена за сончогледовото.
Пржената храна е богата со трансмасти
Трансмастите припаѓаат на групата „лоши масти“. Според нивната хемиска структура, тие претставуваат незаситени масни киселини што се формираат при преработка на растителни масла во цврсти масти, како што е случајот со маргаринот или на високи температури при пржење на храната. Процесот на пржење ја менува структурата на мастите, така што тие стануваат потешки за апсорпција во организмот, а тоа може да доведе до негативни ефекти врз вашето здравје. Трансмастите можат да бидат причина за зголемен ризик од срцеви заболувања, рак и дијабетес. Тие придонесуваат и за зголемување на холестеролот во крвта.
Пржената храна може да го зголеми ризикот од хронични заболувања
Истражувањата покажале дека консумирањето пржена храна создава поголем ризик за развој на дијабетес тип 2. Исто така, споредувајќи ја групата на испитаници кои внесувале значително големи количества на пржена храна со група на испитаници што ретко консумирале ваков тип на храна, откриле дека кај првата група ризикот од мозочен или срцев удар бил поголем за 37 проценти. Друга студија покажала дека кај луѓето кои јаделе брза храна повеќе од двапати неделно, имало двојно поголема веројатност да развијат отпорност на инсулин, во споредба со оние што јаделе поретко од еднаш неделно.
Важно е да знаете дека секојдневната исхрана богата со пржена храна може да доведе до сериозни здравствени проблеми, па затоа обидете се да се грижите за своето здравје така што ќе се храните поздраво.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.