Како се знае дека повеќе луѓе умираат од Ковид-19 отколку од грип?

Џејмс Скот почнал сериозно да се загрижува кон крајот на мај. Поминал речиси еден месец откако во Тексас почнале да се олабавуваат мерките за социјално дистанцирање и да се дозволува собирање.
Скот го набљудувал моделот што го развил, а кој предвидува број на смртни случаи од Ковид-19 користејќи податоци за движење врз основа на следење на мобилните телефони.
Додека гледал како расте бројот на луѓето што ги посетуваат рестораните, баровите, вежбалниците и концертите, помислил дека е само прашање на време кога бројот на заразени, како и бројот на смртни случаи, во земјата повторно ќе се зголеми.
– Како што еднаш рекол Боб Дилан: „Не мора да сте метеоролог за да знаете во кој правец дува ветрот“ – вели Скот, кој работи на Универзитетот во Тексас, каде што развил модел кој проценува дали промените во шемите на движење можат да го предвидат бројот на смртни случаи од Ковид-19 и дали се зголемува.
Тексас е само една од државите што во последните недели доживеаја пораст на бројот на заразени од коронавирусот по ублажувањето на мерките за физичко дистанцирање.
Меѓутоа, иако досега бројот на смртни случаи не се зголемил, експертите предупредуваат дека вирусот не ја загубил моќта да усмрти.


Луѓето се борат со вирусот одреден период пред да дојде до смртен исход, а потоа е потребно некое време додека податоците за смртноста не се евидентираат – на пример, луѓето што умираат денес се заразени пред три до четири недели.
Покрај тоа, староста може да биде фактор за моменталното заостанување во бројот на смртните случаи. Повеќе млади до 35 години сега се заразуваат во споредба со последните месеци од пандемијата, а кај тие лица е помала веројатноста инфекцијата да заврши со смртен исход во споредба со постарите лица.
Џил Робертс од Универзитетот во Јужна Флорида вели дека не е проблем само тоа што има сè повеќе заразени меѓу младите, туку и фактот дека тие веројатно ќе го пренесат вирусот на постарите и поранливи категории.
Научниците денес имаат подобри инструменти со кои ја мерат смртноста од Ковид-19 и велат дека бројките се алармантни.
Имено, научниците користат софистицирана пресметка која едноставно ја нарекуваат стапка на смртност од инфекција, а која се споредува со податоци за смртност од грип, и последните мерења покажуваат дека Ковид-19 во просек е околу 50 до 100 пати посмртоносен од сезонскиот грип.
– Не треба да се прават многу пресметки за да сфатите дека 120.000 е екстремен број на починати лица – вели епидемиологот Гидион Мејеровиц-Кац.
Како се мери смртноста од Ковид-19?
На почетокот од епидемијата многумина се потпираа на она што е познато како стапка на смртност – бројот на смртни случаи од Ковид-19 поделен со бројот на потврдени случаи.
Но, овој метод стана помалку веродостоен откако стана јасно дека многу луѓе можат да се заразат, но никогаш да не покажат симптоми, па да не се сметаат како потврдени случаи.
Сега, по неколку месеци проучување на пандемијата низ целиот свет, научниците се свртуваат кон слична, но посеопфатна метрика за да ја пресметаат стапката на смртност од инфекција.
Оваа статистичка алатка користи податоци за познати инфекции, но тој број ги вклучува и најдобрите процени на недијагностицирани и асимптоматски случаи, а потоа ги става сите тие броеви во равенка со која се пресметува колку е веројатно дека заразеното лице ќе умре од болеста. Овој начин на пресметување се изведува секоја година за сезонски грип.
Научниците можат да користат две стратегии за да ја проценат стапката на смртност од инфекција, објаснува Мејеровиц-Кац. Бројот на инфекции можат да го добијат користејќи серолошки податоци, кои ги добиваат со тестирања на луѓе за антитела против коронавирусот. Овие тестови можат да откријат дали лицето било заразено дури и ако не покажува симптоми. Или можат да користат статистички методи за да го заклучат вкупниот број на инфекции врз основа на она што се знае за бројот на потврдени случаи и процени за асимптоматски инфекции.
– Серолошките студии главно даваат низа процени за стапките на смртност од инфекција, а статистичките модели имаат тенденција процените да бидат поголеми – вели Мејеровиц-Кац.
Користејќи статистички модел, епидемиолозите од Универзитетот „Колумбија“ ја процениле стапката на смртност од инфекција за градот Њујорк врз основа на периодот од масовното избивање – од 1 март до 16 мај.
Нивните нерецензирани резултати, објавени на интернет на 29 јуни, покажуваат дека коронавирусот можеби е и посмртоносен отколку што првично се мислело. Според нивните податоци, стапката на смртност од инфекцијата со Ковид-19 изнесува 1,46 процент или двојно повеќе од претходните процени.


Овој ризик варира во зависност од староста, а постарите од 75 години имаат најголема стапка на смртност од инфекцијата и таа изнесува 13,83 отсто.
Во неформална анализа Мејеровиц-Кац ја споредил стапката на смртност од грип со неколку пресметани стапки на смртност од Ковид-19 во светот досега. Како и коронавирусот, така и грипот има голем број благи и асимптоматски инфекции.
Овие случаи не се земени предвид во мнозинството пресметки на сериозноста на грипот што ги направиле американските центри за контрола и превенција на болести, кои се потпираат на бројот на хоспитализации. Кога станува збор за грипот, лекарите и болниците се грижат помалку за благите случаи за кои не е потребно посериозно лекување.
Користејќи неколку студии што ја пресметале стапката на смртност од инфекција со сезонски грип, Мејеровиц-Кац утврдил дека некаде меѓу едно и десет лица умираат на секои 100.000 заразени. За Ковид-19 тој број се движи меѓу 500 и 1.000 смртни случаи на 100.000 заразени.
Според неговите пресметки, коронавирусот веројатно ќе биде 50 до 100 пати посмртоносен од сезонскиот грип, што ги потврдува и резултатите од Универзитетот „Колумбија“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.