Како советски пилот со ловец МиГ-21 побегна од аеродром на НАТО?

Пред точно 53 години се одигра несекојдневен настан кој влезе во аналите на советското воено воздухопловство. Имено, „ганц“ нова модификација на авион-ловец МиГ-21ПФМ по грешка на пилотот кој управуваше со ова летало слета во воздухопловна база на НАТО во Западен Берлин. Она што следеше потоа влезе во историјата која и понатаму се прераскажува.

13 февруари 1967 година спаѓа во датумите што се наоѓаат во аналите на Групата советски војски која беше стационирана во Германија. Тој ден се случи вонредна ситуација чии последици можеа да бидат многу сериозни. На аеродромот Тегељ, кој се наоѓаше во француската окупациска зона на Западен Берлин, слета во тоа време таен советски авион-ловец (нешто како ловецот Су-35С во денешно време). Авионот беше апсолутно нов, штотуку симнат од производствената лента на фабриката за воздухоплови „Знамето на Трудот“ (Знамя Труда) која се наоѓаше во близина на Москва. Со авионот управуваше капетанот-пилот Фјодор Григорјев, пренесува веб-порталот РГ.

Германската Демократска Република беше западната упоришна точка  на Источниот блок. На нејзиното подрачје беше распоредена моќна групација на советската армија. Раководството на СССР имаше перманентен фокус максимално технички да ги унапреди овие единици со најновата борбена техника и вооружување, кои според својот состав и опремата можеа да се наречат елитни состави на советската армија. Германските пилоти заедно со своите колеги од СССР дежураа 24 часа на границата, пресекувајќи ги дејствијата на авионите на НАТО.

На почетокот на 1967 година во фабриката за воздухоплови „КБ „Микојан“ во Луковици, каде година дена претходно почна производството на извозната верзија на авионот-ловец МиГ-21, беше завршено комплетирањето на последната модификација на овој авион која ја носеше ознаката МиГ-21ПФМ и која требаше да биде испратена во Источна Германија. На авионот беше монтирано ново катапултирачко седиште, унапреден напаѓачко-навигацискиот систем. Ловецот доби многу важна можност да употребува ракети со радарско наведување. На леталото повторно беше вграден воздухопловен топ, кој во тоа време се сметаше за застарено вооружување. Меѓутоа, ова тврдење го демантираа реалните борбени искуства кои настанаа во тој период кога е во прашање тактиката на блиска воздушна борба. На него во вид на посебен носач беше монтиран контејнер со топ калибар 23 мм и борбен комплет. Во општи црти, се работеше за многу сериозна верзија на ова летало.

Пилотите кои се наоѓаа во состав на 15 гардиска ловечка воздухопловна дивизија имаа задача да ги префрлат овие авиони во своите нови формациски места на базирање кои се наоѓаа на територијата на Германската Демократска Република. Командант на летачкото одделение, составено од четири ловци МиГ-21ПФМ, беше капетан Григорјев. Од Луховици до Минска оваа група леташе без никакви проблеми, каде што се спушти на еден од воените аеродроми и се снабди со гориво. Следниот ден продолжија понатаму. Меѓутоа, се поставува прашањето зошто оваа група наместо за аеродромот Темплин (Бранденбург), што беше вообичаената дестинација, е испратена за аеродромот Котбус, кој се наоѓаше значително појужно.

Во текот на летот дојде до проблем во ориентацијата. Авионите го здогледаа Берлин и осветлениот аеродром каде што еден од пилотите на ловечкото одделение се обиде да стапи во контакт со неговиот диспечер. Меѓутоа, од другата страна немаше одговор. Пилотот помисли дека е во прашање дефект на радиостаницата и самостојно почна да слетува. Остатокот од групата продолжи понатаму кон аеродромот Котбус, помислувајќи дека капетан Григорјев го скратил патот поради проблеми со леталото. Меѓутоа, како што се покажа подоцна, советскиот пилот со авионот-ловец од последната модификација МиГ-21ПФМ и со јасни обележја на своите површини на крилата и опашката (црвена ѕвезда-петокрака) слета право на аеродромот Тегел, кој се наоѓаше во зоната на Западен Берлин (француска окупациска зона) и каде што се базираше борбената авијација на НАТО.

По слетувањето советскиот пилот откри дека направил страшна грешка. Околу него паркирани се наоѓале типови на авиони кои не беа во вооружувањето на советската авијација, со јасни ознаки на ВВ на Франција и САД. МиГ-21 го отфрлил падобранот за кочење, се свртел за 180 степени и се обидел повторно да полета од делот на пистата на која и слетал. Меѓутоа, пистата на аеродромот во меѓувреме била забарикадирана со сите расположливи теренски и противпожарни возила што ги имало. Персоналот кој го опслужувал овој аеродром не можел да верува во што учествува.

Немало време за никакви калкулации. Морало да се тргне на сé или ништо. Ловецот повторно почнал да ја зголемува својата брзина. Капетанот Григорјев го вклучил дополнителното согорување на моторот и го спотерал до максимум. Благодарение на најновата модификација, ловецот МиГ-21ПФМ можеше да користи и писти кои не се асфалтирани. На леталото беше унапреден системот за проток на воздух, со што карактеристиките на полетување и слетувањето на авионот станаа значително подобри во однос на претходните верзии на ова летало. Авионот со невиден грмеж на својот мотор успеал да полета запрепастувајќи ги сите кои ја гледале таа сцена.

Наскоро капетанот Григорјев со своето летало се нашол на пистата на аеродромот во Котбус. Командантот на 16 гардиска ловечка воздухопловна дивизија му рекол дека „неговото слетување на аеродромот Тегел беше глупост, но и дека неговото извлекување од целата ситуација е чин за секоја почит“, одбивајќи да го казни својот пилот. Во целата приказна помогнал и фактот дека капетанот Григорјев три години претходно со својот авион МиГ-19 успеал да собори американско извидувачко летало Douglas RB-66 на подрачјето на градот Магдебург.

Извор: Како советски пилот со ловец МиГ-21ПФМ побегна од аеродром на НАТО?

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.