Како фирма со двајца вработени и шест камиони би го чистела снегот од патните правци во цела Македонија?

Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, или Македонија пат,  на 26.09.2024 објавува повик за јавна набавка за „Набавки на работи – ангажирање на трети лица за зимско одржување на државните патишта на територија на Подружница Скопје, Битола, Велес, Штип и Автопат“.

Да почнеме од почеток. Македонија пат секоја година објавува ваков тендер, но годинава со една голема разлика од претходно. Да објасниме како функционира претпријатието, за да иде појасно. Македонија пат има пет подружници. Подружница Скопје ги опфаќа следните правци и нивните региони: Дебар – Гостивар – Тетово – Скопје – Куманово – Крива Паланка и одржува патна мрежа со околу 1150 km.

Подружницата Велес ги опфаќа следните правци и нивните региони: Велес – Гевгелија и одржува патна мрежа со околу 662 km.

Подружницата Штип ги опфаќа следните правци и нивните региони: Штип – Кратово – Пробиштип – Кочани – Виница – Мак. Каменица – Делчево – Берово – Струмица и одржува патна мрежа со околу 1150 km.

Подружницата Битола ги опфаќа следните правци и нивните региони:  Битола – Прилеп – Охрид – Ресен – Струга – Кичево и одржува патна мрежа со околу 1300 км.

Подружница Автопат го опфаќа  патниот правец Коридор 10 т.е. од:
Граничен премин ”Табановце” до Граничен премин ”Св. Богородица” – Гевгелија. Одржува патна мрежа од околу 294 км.

Сите подружници имаат свои пунктови, на пример подружница Штип има пункт Штип, пункт (АП Штип – Кадрифаково), пункт Делчево, пункт Кочани, и слично…

Како функционирала истава набавка за истата работа во изминатите години? Така што Македонија пат распишувало посебна набавка за секој зимски пункт, што е логично, затоа што локална фирма може да одржува еден пункт, но не може да ја одржува целата држава. На ваков начин се заштедувале пари, затоа што самата конкуренција меѓу повеќе фирми ја намалува цената, а дополнително една компанија добивала еден или два пунктови кои може да ги одржува, што е поволно и за економијата бидејќи за помалку пари се ангажираат повеќе компании.

Што се случува годинава? Тендерот се распишува во пет делови, за секоја подружница посебно, за што се бараат и специјални услови за учество на тендерот.

Според информациите на Инфомакс, дел од раководството на Македонија пат фаворизира една компанија. Медиумите и претходно пишуваа за компанијата ГАН-ЛОГИСТИК од Тетово за која во јавноста се појавија низа натписи, а отворена беше и постапка од страна на Управата за финансиска полиција за сестринската фирма на ГАН-ЛОГИСТИК,  „НБЦомпану.

Во јавно достапните податоци на веб-страницата за јавни набавки, нема определена максимална цена на огласот, со што се остава простор за значително покачување на цените во споредба со пазарните цени и со вредноста на договорите изминатите години.

Во набавката се определуваат и услови за учество и тоа:

ЗА ДЕЛ 1-Минимум еден договор успешно реализиран за одржување на јавни патишта (локални, регионални, магистрални и автопатишта) во зимски услови со вредност не помала од 10.000.000,00 ден. со ДДВ во последните 5 години.

– За ДЕЛ 2- Минимум еден договор успешно реализиран за одржување на јавни патишта (локални, регионални, магистрални и автопатишта) во зимски услови со вредност не помала од 55.000.000,00 ден. со ДДВ во последните 5 години.

– За ДЕЛ 3- Минимум еден договор успешно реализиран за одржување на јавни патишта (локални, регионални, магистрални и автопатишта) во зимски услови со вредност не помала од 19.000.000,00 ден. со ДДВ во последните 5 години.

– За ДЕЛ 4- Минимум еден договор успешно реализиран за одржување на јавни патишта (локални, регионални, магистрални и автопатишта) во зимски услови со вредност не помала од 17.000.000,00 ден. со ДДВ во последните 5 години.

– За ДЕЛ 5- Минимум еден договор успешно реализиран за одржување на јавни патишта (локални, регионални, магистрални и автопатишта) во зимски услови со вредност не помала од 26.000.000,00 ден. со ДДВ во последните 5 години. – Соодветната техничка опрема (моторно товарно возило/градежна машина) за извршување на овој вид на работи, која ќе ги задоволува во целост карактеристиките дадени во Техничката спецификација од оваа постапка при што секое возило може да учествува само за еден дел.

– Изјава со опис на техничка опременост која изведувачот на работи (економскиот оператор) ја има на располагање за извршување на договорот. За понуденото моторно товарно возило/градежна машина потребно е да се достави соодветен документ / сообраќајна книшка /фактура за набавената градежна машина како доказ дека во целост ги задоволува карактеристиките дадени во Техничката спецификација од оваа постапка (секое возило ќе може да учествува само за посебен дел – едно возило-еден дел). 2.4.3.2 Економскиот оператор го докажува исполнувањето на минималните услови од потточка 2.4.3- алинеа 1 и 2 со доставување на: -Изјава со опис на ангажиран технички персонал со прилог валидни возачки дозволи, сертификат (уверение) кој ќе соодејствува со бројот на моторните товарни возила и градежни машини , кои ќе бидат вклучени во извршување на јавната набавка ,без оглед на тоа дали тие непосредно му припаѓаат на Економскиот оператор или со нив има склучено Договор за деловна соработка.

Согласно тендерската документација, за компанијата која ќе биде избрана на тендерот да може да ја изврши работата, потребни се:

– За дел 1: 8 камиони, плус три камиони по повик, еден грејдер и еден натоварувач;

– За дел 2: 46 камиони, 4 снегочистачи, 3 булдожери, 3 грејдери, 6 натоварувачи, два ровокопачи;

– За дел 4: 28 камиони, 5 натоварувачи, еден грејдер;

– За дел 5: 29 камиони, два натоварувачи и еден грејдер.

Зошто го кажуваме ова? Затоа што, според јавно достапните податоци (кои можеби не се ажурирани), компанијата која Македонија пат ја „преферира“ да го добие тендерот, има само двајца вработени и шест камиони. Па оттука, се поставува прашањето, како со двајца вработени фирма би ги одржувал патиштата во речиси цела Македонија оваа зима?

По набавката досега се пристигнати, според јавно достапните податоци три жалби од компании коии учествуваат на тендерот, во кои компаниите наведуваат дека најпрво погрешна е содржината на јавната набавка бидејќи овде не се работи за „работи“, туку за „услуги“ за зимско одржување, што е различно согласно шифрарникот и Законот за јавни набавки.

Компаниите обвинуваат дека со намалувањето на тендерот на ПЕТ делови, наместо досегашните 37 делови, значително се намалува конкуренцијата, а дополнително отежнувачки се условите и гаранцијата која е значително поголема кога набавката е поделена на пет делови, наместо на 37.

Накратко, логично е набавката да биде поделена на 37 делови, затоа што така ќе се пријават повеќе компании на тендерот, истите ќе ја намалат цената, истата работа би била завршена поевтино отколку сега.

Важно е да се нагласи дека според нашите информации, управниот одбор дал мислење дека јавната набавка треба да се поништи, што би било исправно имајќи предвид дека Законот за јавни набавки предвидува дека набавката може да се поништи во следните случаи:

Договорниот орган може да ја поништи постапката за јавна набавка, за што носи
одлука за поништување на постапката ако:

  • бројот на кандидати е понизок од минималниот број предвиден за постапките за јавна
    набавка согласно со овој закон,
  • не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда,
  • настанале непредвидени промени во буџетот на договорниот орган,
  • понудувачите понудиле цени и услови за извршување на договорот за јавна набавка
    кои се понеповолни од реалните на пазарот,
  • оцени дека тендерската документација содржи битни пропусти или недостатоци,
  • добие инструкции од Бирото да ја поништи постапката во управна контрола или
    поради технички проблем на ЕСЈН кој не може да се надмине на поинаков начин, или
  • поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на договорниот
    орган.
    (2) Во случај на поништување на постапката за јавна набавка врз основа на ставот (1)
    алинеја 7 на овој член, договорниот орган не смее да спроведе нова постапка за истиот
    предмет на набавка во период од една година од денот на донесувањето на одлуката за
    поништување на постапката.
    (3) Договорниот орган ги известува сите учесници во постапката за јавна набавка преку
    ЕСЈН, најдоцна во рок од три дена од денот на поништувањето, во врска со престанокот
    на обврските на учесниците што произлегуваат од поднесувањето на понудите и за
    причините за поништување на постапката.
    (4) Договорниот орган објавува известување за поништување на дел или на целата
    постапка за јавна набавка на ЕСЈН во рок од десет дена од денот на поништувањето на
    постапката.

Според информации од претпријатието, Македонија пат пуштиле до Јавното претпријатие за државни патишта барање за ребаланс и зголемување на буџетот за зимско одржување, иако набавката можеле да ја направат во рамки на сегашниот буџет.

Заклучок? Дека можеби, не тврдиме, но можеби некој ја фаворизира компанијата со двајца вработени да го добие тендерот за зимско одржување во речиси цела држава, поради одреден сопствен интерес, а на штета на ЈПДП, Македонија пат, парите на граѓаните и целата држава.

За крај, Државната комисија за спречување на корупција и останатите надлежни органи треба да ја проверат набавката пред истата да предизвика низа проблеми, граѓаните да останат блокирани поради неисчистени патишта, а некој можеби да го збогати својот џеб за уште некој „денар“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.