Украина ја очекува уште една сурова воена зима, при што постојат мали надежи за мир во блиска иднина, изјави денеска шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на прес-конференција по состанокот на министрите за одбрана од земјите на групата Е5 во Париз.
Калас истакна дека, иако постои нов дипломатски залет, исто така е јасно дека постапките на рускиот претседател Владимир Путин укажуваат на „нешто сосема поинакво“.
„Во последните денови, Русија повторно започна интензивни напади врз Киев и потопи цивилни пловни објекти во Црното Море. Наша задача е да ѝ помогнеме [на Украина] да им одолее на овие напади и да ја зголемиме цената што ја плаќа Русија. Овој месец, ЕУ ги усвои своите најсеопфатни санкции против Русија од почетокот на војната, а во моментов се подготвуваат и дополнителни мерки“, нагласи Калас.
Според Калас, координираните контролни мерки што ги спроведуваат Франција и другите земји-членки на ЕУ ги забавуваат бродовите што припаѓаат на таканаречената „руска флота во сенка“, принудувајќи ги да користат подолги и поскапи рути. Таа додаде дека притисокот врз оваа „флота“ мора да се засили.
Осврнувајќи се на зајакнувањето на одбранбената подготвеност на Европа, таа спомена дека овој месец го претставила првиот Извештај на ЕУ за одбранбената подготвеност. Таа посочи дека, иако ЕУ издвојува рекордни суми за одбраната, овие средства мора да се насочат на начин што ќе резултира со реални оперативни капацитети. „Мораме да продолжиме со модернизација на нашите сили и капацитети за да изградиме посилна Европа во рамките на посилен НАТО“, изјави Калас.
Во однос на Блискиот Исток, Калас оцени дека постои сериозен ризик од нова ескалација во конфликтот меѓу САД и Иран, додавајќи дека таквата ескалација би претставувала загуба за сите.
„Хутите извршија неселективни напади во Јемен и Саудиска Арабија. Поморската операција на ЕУ ’Аспидес‘ (Aspides) помага во одржувањето на протокот на товар и нафта низ Црвеното Море“, истакна Калас, заблагодарувајќи им се на Франција, Италија и Грција за нивниот придонес во оваа операција.
Таа додаде дека ЕУ ќе воспостави нова мисија насочена кон обезбедување совети и обука за либанските вооружени сили и силите за внатрешна безбедност. „Ќе му помогнеме на Либан да ја зајакне контролата врз својата територија, како и безбедноста на своите граници и внатрешната безбедност. Европа инвестира во иднината на Либан“, изјави Калас, пренесе „Танјуг“.
Таа исто така изјави дека пловидбата по меѓународните рути треба да остане непречена.



