Кина одбива да учествува во втората фаза од истрагата за потеклото на коронавирусот

Кинеските власти ги поддржуваат научните истражувања, но Кина се спротивставува на политизирањето на истрагата за потеклото на коронавирусот
Планот на Светската здравствена организација (СЗО) за втората фаза од истрагата за потеклото на коронавирусот содржи јазик што не ја почитува науката и Кина нема да го следи, изјави на прес-конференција Зенг Јинсин, заменик-шеф на Државниот комитет за хигиена и здравје на кинеската република, пренесува Тасс.
-Што се однесува до предлогот на СЗО за втората фаза од истражувањето, тој содржи јазик што не ги почитува науката и здравиот разум. Ние нема да следиме таков план, рече тој.
„Кинеските власти ги поддржуваат научните истражувања”, рече Зенг. Тој, исто така, истакна дека Кина „се спротивставува на политизирањето на истрагата за потеклото на коронавирусот и смета дека втората фаза треба да се темели на резултатите од првата фаза”.
Претходно, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, соопшти дека организацијата се подготвува за втората фаза од истрагата за потеклото на коронавирусот САРС-КоВ-2 и очекува транспарентност од кинеските власти. Тој истакна дека првата фаза се соочувала со одредени проблеми. Едниот од нив тој го нарече „пристап до податоци, особено до податоците за почетокот на пандемијата”.
Гебрејсус, исто така, не ја исклучи можноста ширењето на коронавирусот да било резултат на „вонредна ситуација во лабораторијата”.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.