Киндер сладолед торта

Состојки
150 г мелени бисквити
100 г растопен путер
100 г темно чоколадо
70 г шеќер
100 мл ладно млеко
Крем
600 мл хопла
300 г кондензирано млеко
за ванила крем 1 лажица ванилин екстракт
за чоколаден крем 100 г растопено чоколадо и 2 лажички какао
Ганаш
200 г чоколадо
200 мл хопла

Одлична летна торта, лесно се прави, а уште полесно се јаде. Вистински киндер сладолед вкус, радост и за малите и за големите. Дури се мислам и за роденденот на син ми да ја направам – толку е добра.
Припремата не е сложена, дури е и забавна, барем јас уживав, а ми беа потребни околу 40 минути.
Подготовка:
1. Прво се прави подлогата, се мелат бисквитите и се додава шеќерот и ладното млеко, а чоколадото се растопува заедно со путерот и се додаваат кон другите состојки. Се меша убаво и смесата се растапкува во кружен или долгнавест калап, обложен со најлонска фолија. Се става во фрижидер.
2. За кремовите, се мати хоплата, убаво пенесто и се додава кондензираното млеко, се продолжува со матење, додека не се добие убав крем. Се дели на 2 дела, во едниот се додава ванилиниот екстракт и се меша, а во другиот растопеното чоколадо и какаото и се мати со миксерот.
3. За ганаш, се загрева хоплата и се става чоколадото, се меша убаво и се процедува низ цедалка.
4. Подлогата се вади од фрижидер и со помош на лажица се става прво од едниот фил, па од другиот, се нанесува од ганашот, се дур не се потрошат и кремовите и ганашот (види слики). Се става во замрзнувач, да се замрзне убаво неколку часа. Потоа се вади од калапот, се отстранува лесно најлонската фолија и тортата е спремна за консумирање.
Може да се чува во замрзнувач, а може и во фрижидер.
На здравје.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.