Кифлички од интегрално брашно и џем од кајсии

Ако сте љубители на кифлички и тесто, ова е одличен рецепт во здрава варијанта – кифлички подготвени од интегрално брашно.
Овие кифлички се одлични за појадок, 2 од нив во комбинација со чаша млеко се доволни за да ви ги задоволат нутритивните потреби за макро и микро нутритиенти за појадок.
Нутритивни вредности по кифличка:
123.4 калории, 16.7 g јаглехидрати, 5.4 g масти и 3.1 g протеини.
Потребни состојки (за 20 кифлички):
400 g интегрално пченично брашно
½ квасец (се раствора во малку вода + неколку зрна нерафиниран кафеав шеќер)
1 лажичка пециво
100 g путер
1 јајце
½ кесичка кокосово млеко + 100 ml млака вода
диет џем од кајсии или било каков џем по ваша желба
една жолчка – за премачкување.


Начин на подготовка:
Најпрвин го подготвуваме квасецот, го раствораме со малку вода и додаваме прстофат шеќер и оставаме 10-тина минути да се направат меурчиња.
Потоа интегралното брашно го ставаме во длабок сад и во него го додаваме прашокот за пециво. Мешаме убаво и на средината правиме дупче во кое го истураме веќе подготвениот квасец. Во садот со брашното и квасецот ги додаваме и стопениот путер, јајцето и раствореното кокосово млеко. Мешаме убаво првин со лажица, а потоа месиме со раце. Формираме големо топче од смесата и оставаме на топло да стаса, околу 30-тина минути.
Потоа со сукало го размесуваме во тенка кора, па од кората сечеме триаголници кои ги мачкаме со диет џем од кајсии (можете да си подготвите и сами домашен џем од малини или јагоди – рецепт). На крај завиткуваме и ставаме во плех на хартија за печење.
Секоја кифличка ја премачкуваме со жолчка од јајце и печеме во загреаната рерна на 180°С околу 15-20 минути.
Уживајте!!!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.