Клековски: Лекот „Фостер“ ќе биде достапен без дополнителен надомест од 1 август

Лекот „Фостер“, инхалациона терапија за астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), се очекува да биде достапен во аптеките од 1 август без дополнителни трошоци и со партиципација од 280 денари. Во меѓувреме, за антикоагулансот „Ксарелто“ (ривароксабан), од 1 јануари ќе се плаќа само партиципација од 160 денари. Ова денес на прес-конференција го истакна директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Тој објасни дека постојат два начина да се влијае врз намалувањето на цените на лековите: прво, вклучување на лек на позитивната листа, каде што пониска цена се постигнува преку преговори, бидејќи вклучувањето на листата значи пристап до државни субвенции; второ, воведување конкуренција со генерички лекови, препорачана од Светската здравствена организација.

Ако на позитивната листа има само еден бренд, рече тој, мотивот на фармацевтската компанија да ја намали цената е многу мал. Воведувањето конкуренција ја принудува цената да се намали, бидејќи влезот на генеричкиот лек мора да биде по пониска цена.

„Во изминатиот период имавме два такви примери. Последниот пример е со ривароксабан („Ксарелто“), кој чинеше 2.200 денари и беше поскап отколку во соседните земји, па затоа многу граѓани го купуваа таму. Со неговото вклучување во позитивната листа, до крајот на годината неговата цена ќе се преполови и ќе биде поевтин отколку во Косово. Од 1 јануари, учеството ќе биде само 160 денари.Вториот пример е „Фостер“, инхалациона терапија за астма и ХОББ. Овој лек беше единствен на пазарот, оригинален. По истекот на патентната заштита, се појави генеричкиот „Блоцета“, произведен во ЕУ, а неговото вклучување во позитивната листа беше по значително пониска цена. Референтната цена во оваа категорија лекови од 2.715 денари со ДДВ се намали на 1.915 денари – односно за цели 800 денари“, рече Клековски.

Тој нагласи дека ова намалување обезбедило „Блоцета“ да биде достапен без дополнителни трошоци за пациентите, додека во исто време се врши притисок врз производителот на оригиналниот „Фостер“ (формотерол/беклометазон) да ја намали цената.

„По три недели комуникација, производителот на „Фостер“ вчера објави дека се согласува да го продава во аптеките во Македонија по новата референтна цена од 1.915 денари, што значи дека лекот ќе биде достапен без дополнителна уплата, само со учество од 280 денари – 20 денари помалку од претходно. Оваа цена ќе стапи на сила откако ќе се продаде моменталната количина што се испорачува во аптеката. Очекувам дека од 1 август „Фостер“ ќе биде достапен без дополнителна уплата. „Блоцета“ е веќе достапен без дополнителна уплата“, рече Клековски.

Тој додаде дека приближно 50 милиони денари заштедени од намалувањето од 800 денари на референтната цена на „Фостер“ нема да се користат за купување возила, туку до крајот на годината ќе се искористат за воведување лек од понова генерација за пациенти со астма и ХОББ.

Според него, промените на цените во овие категории честопати предизвикуваат отпор, бидејќи преполовувањето на цената значи преполовување на профитот на фармацевтските компании, но и на малопродажните маржи.
The post Клековски: Лекот „Фостер“ ќе биде достапен без дополнителен надомест од 1 август appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: