Аргентинската престолнина уште пред 100 години се одлучила за огромен потфат: уривање на 20 блока полни со згради за денес да ја има преубавата авенија „9 де Хулио“.
Буенос Аирес пред и по авенијата (најгоре на сликата од десната страна на авенијата се гледа единствената зграда што не била срушена)
Проблемот со бетонската џунгла во Скопје не е вечен – има лек за тоа, а убав пример е главниот град на Аргентина. Поради порастот на населението, пред сѐ како резултат на имиграцијата од Европа, воглавно од Италија, Буенос Аурес бил пренатрупан со згради уште на почетокот на минатиот век, па локалните власти се одлучиле за голема промена. Идејата за огромна авенија која ќе му даде поголема флуидност на сообраќајот на градот се јавила уште во 1889 година и тоа од тогашниот градоначалник Франсиско Себер, инаку поранешен воен офицер. Иако само една година, еден месец и четири дена бил на функцијата (поднел оставка поради големата рецесија, наречена Паниката од 1890), оставил голема трага во аргентинската престолнина.
Дури во 1912 година идејата го минала Националниот закон 8.855, кој на градот му дозволил да почне со реализација. Но, местото каде денес се протега огромната авенија во тоа време било полно со станбени блокови, а бидејќи објектите не биле во државна или градска сопственост, поминале години додека локалната власт ја завршила експропријацијата за да може да ги сруши.
Конечно во 1933 година локалните власти почнале со рушење на 20 блока, комплетно, северно и јужно од познатиот Обелиск, кој и ден денес стои среде авенијата. Им биле потребни 3 месеци за да го срушат секој блок. Оставиле само една зграда, денес во неа е Министерството за социјален развој (зградата е препознатлива по муралот на Ева Перон). Сѐ останато, дури и згради високи 11 ката, било срушено за да се создаде новата авенија, инаугурирана во 1937 година.
Денот на инаугурацијата на авенијата, 12 октомври 1937
Авенијата „9 де Хулио“, односно во превод „9-ти Јули“, именувана по денот на независноста на Аргентина (во 1816 година), денес важи за најширока авенија во светот. Долга е 3 километри почнувајќи од населбата Ретиро на север до железничката станица Конструксион во истоимената населба на југот на градот. Авенијата има до 7 ленти во секоја насока и од двете страни е опкружена со паралелни улици со по две ленти. Низ центарот на авенијата минува еден од градските Metrobus коридори (БРТ). Помеѓу споредните улици и главниот пат има две широки посредини. На средина околу Обелискот го изградиле плоштадот „Република“ (Пласа де ла Република) во квартот Сан Николас, кој во 1962 година бил проширен во денешните димензии (0,5 хектари).
Авенијата кон крајот на 30-тите
Денес авенијата не само што е главна артерија на Буенос Аирес, туку и изобилува со зеленило. Така, некогаш бетонската џунгла среде аргентинската престолнина веќе 100 години како е една од најубавите авении во светот.