Засега нема западнонилска треска во Македонија. Лабораториските анализи на двата сомнителни случаи се негативни за присуство на болеста што ја пренесуваат комарци. Примероците од четиригодишно дете и повозрасна жена биле испратени за проверка во Инситутот за јавно здравје, откако лекарите се посомневале дека причина за нивната здравствена состојба е вестнајл вирусот. Но, во следниот период епидемиолозите очекуваат позитивен лабораториски резултат и во земјата по големиот број на заболени, но и смртни случаи од западнонилска треска во Србија и Грција.
-Сега е сезона на вектор преносливите болести. Има многу случаи во соседството, и кај нас го има комарецот што пренесува западнонилска треска, така да очекуваме да се појави и кај нас.
А комарците пренесуваат и маларија, зика, денга кои иако биле карактеристични за тропските региони, со климатските промени ги има и во Европа и можат да се појават и кај нас, вели др. Гордана Кузмановска, епидемиолог во ИЈЗ.
Поради задоцнетото прскање на градските власти, скопјани изминатите денови бурно реагираат на наездата од комарци. Иако од Град Скопје најавуваат дека следните денови ќе има трето прскање, според епидемиолозите, уништувањето на ларвите треба да биде на почетокот на пролетта.
-Не велиме ние, науката вели така, уништувањето на ларвите треба во март, а потоа адултното уништување односно прскање против комарци, вели Кузмановска.