НАСКОРО КАЗНУВАЊЕ! Еве од кога ќе започнат камерите да казнуваат

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска во Владата, на платформата „100% посветени за тебе“ на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“, изјави дека системот за безбеден град „Сејф сити“ ќе биде целосно функционален во текот на 2025 година.

Тошковски појасни дека претходните власти направиле набавка на опрема, но не поставиле стратешки план и не ја завршиле законската регулатива за имплементацијата на системот. Тој нагласи дека потребно е да се утврди каде точно ќе се имплементира системот, како ќе се доставуваат казните и дали судскиот систем ќе може да постапува по десетици илјади предмети месечно.

„По завршувањето на техничката влада и формирањето на новата, се посветив особено на овој проект. Иако бројките на сообраќајни несреќи, како што се 146, 126 и 138 загинати во сообраќајни незгоди, не можат да се игнорираат, целта е да ги намалиме. Еден човечки живот нема цена“, рече Тошковски.

Тој истакна дека имплементацијата на системот за сообраќајна култура ќе биде поддржана со предупредувања за граѓаните во периодот на преодна примена. „Секој граѓанин ќе може да види колку пати сторил прекршок, што ќе го поттикне да се поправи“, додаде Тошковски.

Системот ќе вклучува камери кои ќе снимаат прекршоци како минување на црвено светло, прекршување на брзински ограничувања и непрописно паркирање. Крајната цел е да се зголеми сообраќајната култура и да се намалат сообраќајните несреќи, а со тоа и бројот на жртви.

Тошковски потврди дека ќе биде поставен цврст систем кој ќе гарантира дека прекршоците ќе се процесуираат без можност за влијание надвор од законскиот систем.

„Нема да има повеќе вмешување по „ало министре“ – сите ќе бидат подложни на исти правила“, рече министерот.

„Ако сакаме да станеме нормална држава, мора сите да ги почитуваме правилата, од прв до последен“, заклучи Тошковски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.