„Кочани“ под диригентство на оспорена претседателка на Кривичен

Судењето за една од најголемите трагедии ќе се суди во најголемиот Кривичен суд, кој ќе го води в.д. претседателка чиј избор беше бурен, но и со обвинувања за кршење на законот, со оглед на тоа што наместо судијата со најмногу бодови од кандидатската листа беше избрана Даниела Димовска, пред која имало десет судии со повеќе бодови. ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, кој досега жестоко го критикуваше Судскиот совет, немаше никаква реакција за изборот на Димовска. Сепак, забелешки стигнаа од судијата Ненад Савески, како и од Коалицијата „Сите за правично судење“, организација што ја следи работата на ова тело.

– Практиката на Судскиот совет во поглед на непочитување на законските одредби од Законот за судовите, како и непочитување на одредбите за давање јасни аргументи и образложенија на одлуките, продолжува да биде применувана од Советот. Така, иако во дискусијата беше истакнато дека пред избраниот кандидат се наоѓаат 10 судии како подобро оценети, воопшто не беше наведено кои судии од овој суд имаат најголем број бодови од последното оценување, ниту колку изнесуваат бодовите на кандидатите. Дотолку повеќе што не беше даден ниту аргумент за отстапувањето од законското правило за избор на судија со најголем број бодови. За жал, повторно мораме да констатираме дека Судскиот совет носи необразложени одлуки што воопшто не се поткрепени со аргументи, што јасно укажува на недостигот на волја, свест и капацитет за исполнување на препораките од Оценската мисија на ЕУ – се вели во реакцијата на невладината организација „Сите за правично судење“.

И судијката предлагач сопруга на градоначалникот на Радовиш

Откако повеќе од половина месец обвинението за Кочани сврти два круга од Скопје до Кочани и назад, во Кривичниот суд за оцена стигна еден ден пред да биде избрана Димовска.

Тоа значи дека судењето за Кочани, за чие обвинение имаше големи критики од експертската заедница и сомнеж дека тешко ќе се докажат верижните пропусти како причина за трагедијата, судскиот процес ќе го менаџира претседателката на Кривичен која е родена токму во Кочани.

Освен овој куриозитет, со изборот на Димовска се откри дека нејзин сопруг е Тане Димовски, кој работеше во повеќе институции кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, а пред да дојде на сегашната функција – национален координатор за странски директни инвестиции, работеше и во кабинетот на ексградоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, сегашен шеф на дипломатијата.

Како координатор на Кривичниот суд, Димовска ја предложи најновата членка на Судскиот совет, Данка Ристова, чиј сопруг е актуелен градоначалник на Радовиш.

Како ќе се избира в.д. претседателот и образложението за неусогласеност меѓу Законот за судови и Законот за судски совет и тоа што судиите не биле оценети, последната година го најави уште пред седницата претседателот на Советот Александар Камбовски како најава за образложението на Ристова.

Таа го повтори судирот на законите и се повика на Деловникот на Судскиот совет, според кој за в.д. претседател се избира судија што е позитивно оценет од Советот. Така се направи терен и оправдување да биде предложена судијката што е позитивно оценета, но нема најмногу бодови, туку според последното оценување е 11-та на листата.

Димовска нема да биде за кратко на претседателското столче, со оглед на тоа што Судскиот совет сега распиша оглас за избор на претседател на Кривичниот суд, но со оглед на тоа што Камбовски најави дека ќе се прави вонредно оценување на судиите, изборот на редовен претседател ќе потрае, како што и најави претседателот.

– Според Законот за судови, се избира највисоко рангираниот од последната година, меѓутоа имаме мала неусогласеност со Законот за судски совет, бидејќи тоа е понов закон и оценувањето се врши на секои четири години, така што сега ние за последнава година немаме податоци за ниеден судија. Вонредно треба да ги оценуваме сите, тоа е еден процес што ќе потрае и ќе се доведеме во ситуација три-четири месеци да немаме никаков вршител на должност на судот – рече Камбовски.

На седницата, единствено Павлина Чачарова-Илиевска гласно реагираше на изборот на Димовска, а судијата Ивица Николовски гласаше против. Аргументирајќи ја својата позиција, таа наведе претходни примери, кога в.д. претседатели биле избирани според членот 89 од Законот за судови.

Потсети дека кога се вршел избор на в.д. претседател на Основниот суд Гевгелија, преостанатите членови на Советот се спротивставиле на нејзиниот предлог да биде избран највозрасниот судија, бидејќи судијката со најголем број бодови била пријавена на огласот за избор на редовен претседател. Сите други гласаа за Димовска, но никој од членовите не образложи зошто гласа за неа.

Стевче осуден, Максим ослободен

Најголемите партии немаа реакции за изборот, иако се секогаш гласни за Судскиот совет. Единствено Левица имаше реакција.

„Вмровската судијка Даниела Димовска денес Судскиот совет ја избра за в.д. претседател на Кривичниот суд како единаесетторангирана. Значи, наместо најдобро рангираниот судија, Судскиот совет за в.д. претседател ја постави дури 11-рангираната! Дел од нејзиното богато партиско минато и заслуги за оваа висока позиција е тоа што била асистентка на пратеникот Влатко Ѓорчев, додека нејзиниот сопруг работел во кабинетот на Тимчо Муцунски додека бил градоначалник на Аеродром. Циркусот од вмровската интерпелација против Судскиот совет беше една обична фарса, а власта на пресови веќе ја нема да најавува разрешување на членовите на Судскиот совет. Очигледно, интерпелацијата за власта е успешна. Ги дисциплинираа членовите од Судскиот совет за конечно вмровските судии од „тефтерчето“ на Горде да добијат функции во нивното партизирано судство“, објави на Фејсбук пратеничката од Левица Јована Мојсоска.

Пронајдете не на следниве мрежи: