За Касами Тетово е албанскиот главен град на Македонија

Градоначалникот на Тетово и претседател на БЕСА, Билал Касами, денеска со објава на Фејсбук ги пречека градоначалниците-Албанци од косовски и српски општини, со кои разговараа за развој на туризмот, но Касами намерно или ненамерно на Фејсбук сподели провокативна објава.

Во објавата, Касами пишува „Добредојдовте во албанското седиште (албанскиот главен град) во Македонија“, а во неа има две фотографии на кои се Касами и гостите.

Во буквален превод би значело дека Касами смета дека Тетово е втор главен град во земјата, но таквата објава наиде на лавина реакции кај Македонците во Тетово, кои го обвинуваат Касами дека се занимава со национализам, наместо да ги решава проблемите во една од најлошо менаџираните општини во државата.

Тетово со децении се дави во низа урбани проблеми, а животот во градот е подеднакво тежок предизвик за сите, без оглед на нивната националност, велат граѓаните.„Да, главен град на загаден воздух, нечисти улици, 20 метра недовршени асфалти, кучиња, град без паркови, мафија итн. На тоа си ти градоначалник и ништо друго“, вели еден од граѓаните во коментар под објавата на Касами.

На националистичката реторика на Касами реагираше и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи,  Даријан Сотировски кој и самиот е од Тетово.„Тетово е еден убав македонски град во кој живеат и коегзистираат различни народи, култури и религии, како негово богатство. А, доколку некој сака да го прогласи за главен по нешто, добро е да појде од тоа со кое стварно предводи и е главен дури и на ниво на цел Балкан, односно по урбаниот хаос и мафија, по отсуството на елементарно зеленило, парк и спортски содржини, како и целосната закоравеност и затвореност на Општината за граѓанска вклученост, современи проекти и промени, и нејзина посветеност исклучиво на популизам и квази национализам од кои на секој пристоен човек му се гади“, пишува Сотировски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.