Кога ладните денови доминираат, едно од нашите омилени овошја е мандарината. Тие особено нè одушевуваат како дел од десертите, па токму затоа и решивме денес да го споделиме со вас овој превкусен рецепт за кремаст чизкејк со мандарини.
Потребни состојки:
За тестото:
3 јајца
3 лажици шеќер
3 лажици брашно
За филот:
600 грама маскарпоне
400 милилитри слатка павлака
8 мандарини
100 грама шеќер во прав
Начин на подготовка:
Подгответе го калапот за чизкејкот, премачкајте го со малку масло и посипете малку брашно, па тргнете го настрана, а рерната вклучете ја на 180 степени и оставете ја да се загрее.
Матете ги јајцата со шеќерот сè додека не добиете светло жолта течност. Потоа во неа полека вмешајте го брашното, па префрлете ја смесата во калапот и ставете ја во рерна. Печете околу 15-20 минути, односно сè додека не добиете златножолта боја.
Кога тестото ќе се олади, извадете го од калапот и пресечете го по средината, така што ќе добиете две кори. Потоа исперете го калапот и исушете го со крпа.
Половина од мандарините излупете ги и одвојте ги на парчиња, додека од останатата половина исцедете сок. Изматете ја слатката павлака во цврст шлаг. Во друг сад изматете ги шеќерот и маскарпонето. На смесата додајте го сокот од мандарините и продолжете со матење. Потоа додајте го и шлагот и нежно измешајте.
Во исушениот калап ставете ја едната кора, па премачкајте ја со филот и наредете ги излупените мандарини, а потоа покријте ја со другата кора. Прекријте го калапот со фолија и ставете го на еден час во фрижидер, односно сè додека чизкејкот да се стврдне.
Добар апетит!