Кризен штаб: Во Србија задолжително носење маски во градски и меѓуградски превоз, препорака за затворен простор

Од денеска во Србија задолжителна е употребата на заштитни маски во превозот на патници, објави Владата на Србија по седницата на Кризниот штаб.
Кризниот штаб за заштита на здравјето на населението од коронавирус денеска одржа седница на која е разгледана актуелната епидемиолошка состојба во Србија.
Од денеска, задолжителна е употребата на заштитни маски во градскиот и меѓуградскиот превоз, а на патниците кои не носат маски нема да им биде дозволено да влегуваат во превозните средства, соопштија од Владата.
-Важно е да се напомене дека маските не мора да бидат хируршки, купени во аптека, туку граѓаните можат да користат и памучни маски за повеќекратна употеба и слично, се наведува во соопштенеито.
Што се однесува до затворените простори, кризниот штаб им препорача на сите граѓани да носат маски на сите затворени места, со посебен акцент на поштите, банките, јавните институции, како и продавниците и трговските центри.


Владата на Република Србија ќе продолжи да го следи развојот на епидемиолошката состојба со големо внимание во наредните денови и редовно и навремено ќе ги информира граѓаните за сè, се додава во соопштението.
Имунологот и член на Кризниот штаб, Срѓа Јанковиќ, оцени за РТС дека состојбата со епидемијата на коронавирус е загрижувачка и дека е потребно малку да се „затегне обрачот“ за да се спречи ширењето на вирусот.
Тој оцени дека мора да се спречи ширење на епидемијата кај пошироката популација и како важен чекор го спомена носењето маски во затворен простор и во јавниот превоз.
Епидемиологот Предраг Кон, исто така, претходно предупреди на својот Фејсбук профил дека е можно враќање на некои мерки, иако ја исклучи можноста за повторно воведување на вонредна состојба.
Според официјалните податоци, од коронавирус во Србија досега починале 262 лица, заразени се 12.990, а во изминатите неколку дена, на дневна основа регистрирани се скоро стотина нови случаи.
Според истражувањето на БИРН бројот на смртни случаи и на заразени е далеку поголем од она што официјално е соопштувано.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.