„Крок Мадам“ – сендвичот кој ќе успее да ви го поправи и најлошото расположение

Croque monsieur или Крок Мисје е француски топол сендвич чии главни состојки се шунка и кашкавал. Сендвичот за првпат започнал да се служи во француските кафулиња како топла закуска.
Неговата варијација е женската верзија – Croque Madame или Крок Мадам која опфаќа „јајце на око“ врз сендвичот, а името го добило бидејќи јајцето потсетува на женска шапка.
Овој топол сендвич е идеален за појадок, брз ручек, па дури и вечера, идеален за ситуациите кога ни е потребна малку храна за утеха или добро расположение.
Потребни состојки (за 2 сендвичи):
5 лажици путер
20 g брашно
250 ml млеко
4 парчиња бел леб
100 g свинска шунка
100 g изрендано тврд кравји кашкавал
2 лажички сенф
2 големи јајца
Сол и бибер


Начин на подготовка:
Во подлабок сад стопете 2 лажици од путерот. Додадете го брашното и мешајте на средна температура (најдобро со жица за матење) додека не добиете убава, златна смеса.
Додавајте го полека млекото и солта и константно мешајте на средна температура додека смесата не се згусне.
Тргнете го бешамел сосот од огнот и додадете околу 50 gr рендан кашкавал.
Двете парчиња леб премачкајте ги со сенфот. Ставете шунка, ставете од бешамел сосот и распоредете го преостанатиот рендан кашкавал. Покријте го лепчето со другата кришка леб.
Стопете 2 лажици путер во чисто тавче и ставете ги сендвичите во неа. Печете ги сендвичите од двете страни во тавчето додека благо не се заруменат.
Префрлете ги сендвичите врз хартија за печење. Премачкајте ги со останатиот дел од бешамел сосот и печете ги во загреана рерна на 200 степени. Потребно е да се запечат неколку минути додека сендвичите не добијат златна боја.
Во меѓувреме спржете 2 јајца на око. Извадете ги сендвичите од рерната и врз секој од нив ставете по едно јајце на око.
Зачинете по желба.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.