Состојки:
160мл вода млака
350-400гр брашно
1 јајце
60гр палента
1/2 лажиче шеќер
1 паковка сув квасец
1 лажиче сол
80мл масло
за попрскување
зачини по желба
Ова не е оригиналниот рецепт за фурнаринки.
Во оригиналниот стоеше пченкарно брашно и количините беа други.
Јас малку го изменив по мој вкус и искрено ми се одлични.
За брашното пишав 350 до 400 гр зашто многу игра улога дали брашното омекнува при месењето т.е. дали пушта или е остро брашно.
Еве го начинот на кој јас ги спремив.
Замесуваме меко лепливо тесто.
Оставаме да нарасне.
Работната маса ја посипуваме со брашно и го префрламе тестото.
Го премесуваме и додаваме брашно ако многу лепи.
(ова го пишувам затоа што зависи до брашното)
Го делиме на три дела и од секој дел развлекуваме кора дебела пола прст.
Сечеме ленти по должина, а широки околу еден сантиметар.
Ги редиме во намастен плех.
Постапката ја повторуваме со сите делови.
Во филџанче помешуваме малку масло и вода и ги премачкуваме лентите со четка.
Ги попрскуваме лентите со сув зачин по вкус. Јас ставив на некои рузмарин, буковец, сусам, ким со сол.
Оставете ги десетина минути да одморат, па печете ги во загреана рерна.
Штом заруменат вадете ги. Се служат и топли и ладни.
Крцкаат и се многу вкусни.