Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба со ентузијазам ги пофали американските политичари за одобрувањето на долго одложуваниот пакет воена помош од 61 милијарда долари за Украина, но предупреди дека новите испораки нема веднаш да го свртат бранот на војната.
„Алелуја“, изјави Кулеба во интервју за „Гардијан“ на прашањето за реакцијата на вчерашното конечно гласање на американскиот Сенат. Тој рече дека „неговото верување е дека ќе има позитивен исход“, но Западот мора „да сфати дека ерата на мирот во Европа е завршена“ и да ја изгради својата одбранбена индустрија.
Говорејќи за „Гардијам“, Кулеба рече дека се надева оти Белата куќа ќе го претстави новиот пакет оружје „за неколку дена, можеби и часови“ и дека е „само прашање на логистика“ залихите да се префрлат на фронтот.
Претставници на Пентагон најавија дека одредена муниција веќе е складирана во Европа, а се очекува меѓу приоритетите да бидат артилериската и противвоздушната одбрана.
Кулеба, исто така, рече дека Украина идентификувала седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ кои би можела да ги користи за заштита на цивилите во поголемите градови надвор од Киев. Еден е добиен од Германија, уште четири се лоцирани и преговорите се во тек, рече Кулеба, а на повидок се уште два.