ЛАГ Експо 2022 – прв саем за локален развој во државата

На 23 септември, во културниот дом „Ацо Караманов” во Радовиш, се одржа ЛАГ Експо 2022 – саем за локален развој. Овој саем е прв од ваков тип во нашата земја каде низ презентации и панел дискусии претставници на Локалните акциски групи (ЛАГ-ови) од Северна Македонија, Албанија, Србија, Косово и Хрватска ги претставија своите активности и дискутираа за теми поврзани со локалниот развој кои ги засегаат сите рурални заедници. На саемот со свои штандови, производи и активности се претставија и членовите на ЛАГ-овите Бојмија, Беласица-Огражден, Малеш-Пијанец, Абер 2015 и Плачковица.

Целта на саемот е да се презентираат и да се споделат искуствата на домашните Локални акциски групи, како и оние од земјите на Западен Балкан и Европската Унија согласно LEADER пристапот како дел од политиките за локален/рурален развој. Локалните акциски групи, кои беа во фокусот на саемот се непрофитни граѓански организации од приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор и се двигатели на развојот во руралните средини.

Џери Дајбл, претставничка на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Петар Ѓоргиевски, претседателот на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и на Балканската мрежа за рурален развој како и секретарот на Општина Радовиш се обратија на присутните, ја поздравија иницијативата за ваков саем и ја реафирмираа поддршката за Локалните акциски групи и руралните средини во државата. Присуствуваа и градоначалници на општините од регионот како и претставници од граѓанскиот и приватниот сектор од државата и земјите од Западен Балкан и ЕУ.

ЛАГ Експо 2022 се реализира со поддршка на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и Балканската мрежа за рурален развој поддржана од We Effect, во соработка со ЛАГ Плачковица.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.