Лазањи со пилешко месо: Неверојатно едноставни, а сочни и вкусни

Лазањите се италијанско јадење кое многумина го сакаат, но и избегнуваат да го подготвуваат бидејќи бара трпение и подготовка на бешамел сос, што за некои домаќинки претставува губење на време.
Меѓутоа, и за тоа постои решение – ви претставуваме рецепт за лазањи со пилешко месо кои се подготвуваат лесно, а се повкусни и посочни од оние направени по веќе добропознатите рецепти.


Потребни состојки:
– 1 пакување кори за лазањи
– 300 гр. пилешко бело месо
– 300 мл. неутрална павлака
– 200 мл. кисела павлака
– 2 моркови
– 200 гр. трапист кашкавал
– 100 мл. кечап
– сол, црн бибер, оригано
Начин на подготовка:
Пилешкото месо исечкајте го на коцки, изрендајте ги морковите и сето тоа зачинете го по вкус.
Динстајте на масло 5 минути.
Пропрженото пилешко месо прелијте го со 200 мл. неутрална павлака која сте ја помешале со кисела павлака и оставете да се крчка додека не се згусне. Остатокот од неутралната павлака оставете го за подоцна.
Премачкајте огноотпорен правоаголен сад со масло и ставете кори на дното.
Врз нив ставете го филот од пилешко месо и павлака, додајте малку кечап врз него и повторувајте ја постапката додека не го потрошите сиот материјал.
На врвот ставете го остатокот од неутралната павлака и додајте го изренданиот трапист кашкавал.
Прекријте го садот со алуминиумска фолија и печете 45 минути во рерна загреана на 200 степени.
Потоа, тргнете ја фолијата и печете уште 5 минути за кашкавалот да добие златножолта боја.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.