Лазањите се италијанско јадење кое многумина го сакаат, но и избегнуваат да го подготвуваат бидејќи бара трпение и подготовка на бешамел сос, што за некои домаќинки претставува губење на време.
Меѓутоа, и за тоа постои решение – ви претставуваме рецепт за лазањи со пилешко месо кои се подготвуваат лесно, а се повкусни и посочни од оние направени по веќе добропознатите рецепти.
Потребни состојки:
- 1 пакување кори за лазањи
- 300 гр. пилешко бело месо
- 300 мл. неутрална павлака
- 200 мл. кисела павлака
- 2 моркови
- 200 гр. трапист кашкавал
- 100 мл. кечап
- сол, црн бибер, оригано
Начин на подготовка:
- Пилешкото месо исечкајте го на коцки, изрендајте ги морковите и сето тоа зачинете го по вкус.
- Динстајте на масло 5 минути.
- Пропрженото пилешко месо прелијте го со 200 мл. неутрална павлака која сте ја помешале со кисела павлака и оставете да се крчка додека не се згусне. Остатокот од неутралната павлака оставете го за подоцна.
- Премачкајте огноотпорен правоаголен сад со масло и ставете кори на дното.
- Врз нив ставете го филот од пилешко месо и павлака, додајте малку кечап врз него и повторувајте ја постапката додека не го потрошите сиот материјал.
- На врвот ставете го остатокот од неутралната павлака и додајте го изренданиот трапист кашкавал.
- Прекријте го садот со алуминиумска фолија и печете 45 минути во рерна загреана на 200 степени.
- Потоа, тргнете ја фолијата и печете уште 5 минути за кашкавалот да добие златножолта боја.