Латиновски: Само Мицкоски верува дека победил на изборите

Латиновски: Само Мицкоски верува дека победил на изборите

Латиновски имаше интервју за СЛОБОДЕН ПЕЧАТ поврзано со повиците за Конгрес и смена на Мицковски

По поразот на парламентарните избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, секојдневно се соочува со повици од членството во партијата, да поднесе оставка од претседателската позиција и да организира нов, вонреден конгрес на кој ќе се избере ново партиско раководство. Зад оваа иницијатива застанаа голем дел од членовите во општинските комитети, но и стари партиски членови и поранешни функционери од времето на Никола Груевски.

Дел од иницијативата за промени на раководството во ВМРО-ДПМНЕ е и поранешниот градоначалник на Бутел, Петре Латиновски. Тој во интервју за Слободен печат открива кои се суштинските разлики меѓу ставовите и политиките на иницијаторите за промени и на актуелното раководство на партијата и вели, убеден сум, доколку не се смени нешто во партијата, поразот на локалните избори ни е загарантиран.

Прочитајте уште и:

Уапсен е насилникот кој и се закануваше на екс пратеничката Весна Дамчевска Илиевска

Деновиве се поактуелни и погласни се повиците од ваши членови, меѓу кои и Вие, за оставка на Христијан Мицкоски и свикување вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Зошто токму сега оваа Иницијатива?

– Затоа што може да биде предоцна доколку чекаме да надвладее разумот и партиските над личните интереси. Доколку чекаме ова раководство да загуби уште едни избори, на ВМРО-ДПМНЕ може да му се случи хаварија. Партијата дополнително ќе се дефакторизира, а може да ги замислите последиците по Македонија. Видовме како СДСМ владее овие три години и не е тешко да се претпостави како ќе нагазат без силен опонент од другата страна. Иницијативата е неопходна и за партијата и за Македонија, бидејќи гледаме дека актуелното раководство, и покрај поразите во низа, и покрај тоа што на секој член му е јасно дека нешто не е во ред со ова раководство, упорно одбива да се соочи со одговорноста. Реално, претседателот Мицкоски имаше три години да остави печат во партијата и државата, но не повлече ниту еден чекор по кој ќе биде запаметен. Ниту политички, ниту кадровски. Време за губење веќе нема. Потребна е нова сила и енергија, потребно е повторно силно ВМРО-ДПМНЕ.

Дали мислите дека имате поддршка од доволен број делегати кои можат да свикаат вонреден конгрес?

– Со секој изминат ден, поддршката е се поголема. Членството и јавноста гледаат дека од другата страна која е против вонреден конгрес нема ниту еден аргумент во одбрана на политиките кои ги застапува господинот Мицкоски, ниту пак никој од актуелното раководство не излезе со аргументи против оваа иницијатива, како да чекаат ние постарите членови да кажеме, доста беше, зашто се молчи не знам. Тука не го сметам оној аргумент дека ВМРО-ДПМНЕ победи на овие избори, бидејќи само Мицкоски верува во тоа. Па дури и тој да веруваше во тоа ќе свикаше конгрес и сите ќе му ја дадеа довербата, впрочем оваа иницијатаива му дава можност да си ја потврди довербата од членството бидејќи и тој може да учествува и да образложи зашто повторно треба да му се даде доверба. Ние сме истите делагати од Валандовскиот конгрес кои му ја дадовме довербата и веруваме во неговиот капацитет, за од друга страна деновиве се погласно да слушаме како ние истите сме некомпетентни за да предлагаме ваква иницијатива. Извршниот комитет е со истечен мандат, а поголем дел од членовите на Централниот комитет исто така се без мандат. Партијата е во лоша состојба и членството на терен се мобилизира за да се смени тоа. Сигурен сум дека ќе се собере неопходниот број на делегати за да се свика конгресот. Сите сме заинтересирани за спас на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека до нив не стигнала официјално никаква иницијатива за свикување вонреден конгрес и рекоа дека доколку има иницијатива истата би ја разгледале. Имате ли испратено барање до партијата?

– Да не беше сериозна темата јас ќе прашав дали Мицкоски имаше испратено официјално барање до Груевски за негова смена? Дали Груевски имаше испратено официјално барање до Георгиевски? Треба да бидеме сериозни. Еве интервјуво нека го сметаат за барање, иако периодов зачестија тие барања, а во периодот што следи ќе ги има уште повеќе. Тоа што на Мицкоски му треба официјално барање за да се соочи со делегатите кои го избраа, повеќе говори за неговиот однос отколку за држење до процедурите. Во моментов Мицкоски нема легитимен Извршен комитет, а наводно чека формално барање. Последно што слушнавме од ЦК и ИК беше дека после победата го овластиле да преговара за составување влада. Има нешто за неуспехот во преговорите ?

И во минатото во ВМРО-ДПМНЕ имаше иницијативи за промени, како оние на Реформаторите и на ФРОДЕМ, но овие иницијативи не добија партиска поддршка. Зошто мислите дека сега токму вие би ја добиле партиската поддршка за промени?

– Затоа што оваа иницијатива произлегува од членството и има искрена намера да ја подобри состојбата во партијата. Никој од нас не реагираше пред избори за да не направи штета, иако знаевме колку лошо функционира партијата, како на терен, така и во самиот Републички изборен штаб, срамно е за ВМРО-ДПМНЕ во време на кампања да не фукнкционира РИШ. Премолчувавме отфрлање и изолирање на видни поединци заради општо добро, верувајќи дека знаат што прават. Времето ќе покаже колку сме биле во право.

Дали е точно дека Сашо Мијалков стои зад иницијативата за смена на Мицкоски?

– Зад иницијативата стои членството. Од најлојалните членови во месните комитети произлезе барањето на одговорност од раководството. Ако Мицкоски може да се помири со неколку порази во низа, тие не можат. Затоа јас и останатите членови на иницијативата контактиравме и почнавме да се здружуваме. Верувајте дека сме многу повеќе од тие што излеговме пред штабот. Впрочем деновиве и голем број членови на Општински комитети излегуваат јавно да го изразат своето несогласување со актуелното раководство. Точно дека и Сашо Мијалков се произнесе дека е за смена на раководството, но оваа иницијатива е на членството  и не може да биде никако поинаку. Нашата партија ниту била, ниту ќе биде на поединци, зад ова стојам додека сум жив и нека ги запомнат овие мои зборови они кои се радуваат на победа во Бутел од 1.500 гласа. Како иницијатори не нападнавме ниту еден претседател на општински комитет, ниту еден претседател на месен комитет, ниту нападнавме и навредивме членови на ВМРО-ДПМНЕ и тесното раководство околу Мицкоски, единствено побаравме одговорност за лошото водење на нашата партија.

Меѓу првите кои побараа оставка од Мицкоски и смена на партиското раководство се Митко Јанчев, Никола Тодоров и Сашо Мијалков. Токму тие пред две години беа исклучени од партијата. Дали вие како Иницијатива би ги вратиле во партијата?

– Ние како иницијатива ниту сме избркале некого, ниту имаме намера да враќаме. Тоа не е нашиот мандат. Нашиот мандат е да се организира вонреден конгрес на кој ќе се избере ново раководство. После тоа раководство ќе има мандат да одлучува дали ќе продолжи со актуелните политики или ќе заврти нови стандарди. Знам само дека атуелното раководство веќе нема легитимитет. Нивната политика веќе е поразена. Која и да била причината, таа не вродила со очекуваниот резултат.

Дали вашата иницијатива, доколку успее во намерите, јавно ќе заземе критички став кон владеењето на Никола Груевски?

– Иницијативата јавно нема да заземе став затоа што нејзината причина за постоење едноставно ќе згасне со организирањето на вонредниот конгрес. Важно е таму легитимно да се одбере ново раководство. После тоа треба со сите сили да му се помогне на тоа раководство во реализирањето на политиките кои ќе има право да ги димензионира во согласност со идеологијата. Успешноста на тие политики ќе се мери на избори и тоа е природен процес.

Кој е ставот на иницијаторите за промени во ВМРО-ДПМНЕ по однос на Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство и Законот за двојазичноста? Дали ги поддржувате?

– Претпоставувам дека сите имаме различен став по овие прашања. Некој е порадикално десно, некој повеќе во центарот. Не би сакал да говорам во име на иницијативниот одбор, бидејќи и не сме разговарале на таа тема. Тоа ќе биде должност на новото раководство. Ние сме иницијативен одбор за вонреден конгрес. Тоа што јас го очекувам од новото раководство на партијата е да не бега од суштинските теми и прашања. Доколку е против Преспанскиот договор или некоја нова тема, да застане цврсто против. Доколку е за, тогаш да биде за. Па дури и доколку е за бојкот, тогаш јавно да го брани ставот. За жал, со актуелното раководство ние немавме јасна позиција по ниту едно прашање.

Осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за поддршка на Преспанскиот договор, партијата ги прогласи за „предваници“. Дали вие како иницијатива го делите ваквиот став?

– Јас лично таа реторика и тој начин на комуникација не го поддржувам ниту кон политичките опоненти, а уште помалку кон сопартијци. Сепак, одговорноста за партиската политика кон овие луѓе ќе биде во рацете на новото раководство.

Кој е вашиот предлог за лидер на ВМРО-ДПМНЕ кој би го предложиле на евентуланиот Конгрес на партијата?

– Ние како иницијативен одбор немаме фаворит. Може индивидуално некој и да преферира некого, но како одбор ние сме фокусирани на организирање на конгресот. Не сме разговарале дали би предложиле или поддржале некого. Во моментов приоритет е да се избере ново раководство бидејќи со старото поразот ни е загарантиран и на локалните избори. Доколку се појават кандидати, сигурно би имал конкретен став.

Дали доколку успеете во вашите намери, ќе го смените Статуот на партијата во делот на враќање на функцијата почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ?

– Јас лично би поддржал промени во Статутот во разни правци, но сепак тоа се одлуки кои ќе ги носат партиските органи и тела предводени од новото раководство.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.