Партијата Левица упати апел до владејачката ВМРО-ДПМНЕ да преземе чекори да ги спречи нејзините коалициски партнери од „Вреди“ да преземат итни мерки и да го запрат процесот на преименување на над двесте тетовски улици, со кој се брише антифашистичката историја на македонската држава.
„Оваа практика претставува системско уништување на заедничката антифашистичка борба, која е темел на македонската државност, и инсталирање врховистичко-балистички елементи како дел од поширок обид за ревизионизам на македонскиот идентитет. За жал, овој чин е продолжение на веќе започнатиот процес на именување и преименување на скопските улици со имиња на балисти.
Според неофицијални информации, меѓу имињата што се заменуваат се и имињата на истакнати македонски антифашисти како Страшо Пинџур, Благоја Тоскоски-Тоска и Радован Цониќ, кои сега се заменуваат со имиња на фашистички колаборатори. Потсетуваме дека ваквите тенденции се спротивни на Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, каде што јасно се наведува дека имињата не смеат да го нарушуваат угледот на Република Македонија, да навредуваат национални чувства на граѓаните или да го загрозуваат меѓуетничкиот соживот, јавниот морал и обичаите.
Историјата на македонскиот народ не е средство за политички пазарења! Ги повикуваме советниците од ДПМНЕ, како и вториот човек во Општина Тетово (исто така од ДПМНЕ), веднаш да заземат став и акција против овие политики. Дополнително, бараме Владата предводена од ДПМНЕ да се спротивстави на етничкиот инженеринг и иредентистичките политики на нивниот коалициски партнер ‘Вреди’“, вели Левица во своето соопштение.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK> може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.