Левица: Ни распит, ни морална, ни кривична одговорност за Влатко Стојкоски – ДПМНЕ ги штити своите кадри

Во држава во која институциите редовно затајуваат, а функционерите остануваат недопирливи, случајот со актуелниот в.д. директор на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, претставува класичен пример на селективна правда, реагираат од Левица.

– Во врска со трагедијата во Кочани, Стојкоски, и покрај сериозните пропусти на неговата институција, не е повикан на распит, не поднесе оставка и не е предмет на истрага. Тој не се појави во јавноста ниту за да понуди каква било отчетност, додека неговата наводна невиност ја бранат Тошковски и Мицкоски. Оваа недопирливост е сè појасен доказ за партиската заштита и политичка привилегија.

Стојкоски е на функцијата од ноември 2024 година и, за тоа време, Пазарниот инспекторат најавуваше ригорозни контроли на угостителските објекти. Сепак, за ниту еден угостителски објект не се презедоа мерки, а дури по трагдијата се констатираше дека повеќе од половина објекти работеле без или со истечени лиценци. Реакцијата по трагедијата е доказ дека директорот Влатко Стојкоски имал доволно долг мандат за да ја спречи оваа трагедија.

Потсетуваме дека законите се недвисмислени: Според член 8 од Законот за ДПИ, токму оваа институција е надлежна за инспекциски надзор и изрекување мерки при утврдени неправилности, а во Законот за угостителска дејност, Пазарниот инспекторат се споменува 40 пати како надлежен орган.

Додека функционерите од власта и обвинителството, одговорноста ја лоцираат како „верижни пропусти” – од тие рамки магично ги исклучуваат актуелните функционери.

Оттука, може да се констатира и дека токму поради ова, Јавниот обвинител на РМ, кого власта сакаше да го разрешува, преку ноќ им стана најдобар и најпосветен обвинител.

Левица продолжува да инсистира на неселективна правда, која подразбира одговорност не само за поранешните, туку и за актуелните функционери. Но, додека народот очекуваше дека трагедијата ќе ја отвори вратата за вистинска борба против корупцијата, власта повторно одлучи да се фокусира на зачувување на своите фотелји. – велат од партијата.

Пронајдете не на следниве мрежи: