Довербата во судството во оваа земја дишеше на апарати. Предметот „Талир 2“ ѝ го исклучи апаратот јавно, пред цела јавност, велат од Левица
Ослободувањето на Никола Груевски во предметот „Талир 2” и одбивањето на конфискацијата на „белата палата“ е далеку од чист правен исход, велат од Левица.
Ослободителната пресуда ја оценуваат како „успешно завршена операција“, за која велат дека крајниот резултат бил познат уште пред да биде прочитан диспозитивот.
„Државниот јавен обвинител Ненад Савески, во еден од своите први потези на функцијата, ги повлече овластувањата на обвинителката која години наназад работеше на предметите ‘Талир’. Тој потег никогаш не наиде на разумен аргумент бидејќи го немаше, туку му беше надлежност на Савески – причина за неговиот избор на актуелната позиција. Тоа беше отстранување на единствената пречка помеѓу ДПМНЕ и имотот за кој Мицкоски бесрамно плачеше пред јавноста. Предметот ‘Талир 2’ беше префрлен во моментот кога тоа најмногу му требаше на обвинетиот, а најмалку на правдата – со само неколку месеци пред настапување на застареност, оставајќи го Апелацискиот суд без реална можност мериторно да одлучи по евентуална жалба. Сега, конфискација по правосилна ослободителна пресуда е правно невозможна“.Левица тврди дека обвинетиот Никола Груевски бил второстепено прашање за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи кривичното гонење и онака ќе застареше. Според нив, фокусот бил на партиското седиште.
„Мицкоски со месеци јавно, бесрамно, негодуваше дека и покрај уживање на власта, партискиот имот сè уште му е замрзнат – зборувајќи за незаконски стекнат имот како да е негово наследство заглавено во неажурна административна процедура. Сега тоа негодување исчезна. Не затоа што се разреши некое недоразбирање, туку затоа што некој конечно му ја заврши работата – прецизно, тивко, во рамките на правниот јазик, но со резултат толку удобен за ДПМНЕ што секаков обид тоа да се нарече правосудна независност звучи како лоша шега пред сопствените граѓани. Довербата во судството во оваа земја дишеше на апарати. Овој предмет ѝ го исклучи апаратот, јавно, пред цела јавност, со потпис, тајминг и молк онаму каде што требаше да има борба за процентот на доверба конечно да порасне. Но, стасавме до степен каде веќе дури не се ни трудат да ја одглумат независноста и отсуството на влијанија бидејќи им е сосема гајле дали некој сè уште верува во неа“,велат од Левица..
Случајот „Талир 2“ заврши со епилог кој значеше ослободителна пресуда за Груевски и отежнета конфискација на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Ослободителната пресуда дојде во повтореното судење за предметот „Талир 2” за незаконската градба на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно за истиот случај, во јуни 2022 година, Кривичниот суд донесе првостепена пресуда со која Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор, додека пак поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски доби условна казна.
Во 2024 година, повикувајќи се на измените во членот 353 од Кривичниот законик, донесени во 2023 г. Апелацискиот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење пред Основниот кривичен суд. Со законските измени во меѓувреме застари кривичното дело злоупотреба на службената положба за Кирил Божиновски, а постапката продолжи за поранешниот премиер Никола Груевски.
Тие се сомничеа дека заедно во периодот од јули 2012 година до 31 август 2016 година, со повеќе временски поврзани дејства, ја искористиле својата службена положба и овластувања со цел да обезбедат ново партиско седиште и незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со што за правното лице, политичката партија, прибавиле имот – објект и значителна противправна финансиска корист од 132 573 582 денари. Конфискувана беше и „белата палата“, која според обвинението е незаконски изградена.
По пресудата, Ленче Ристоска, јавната обвинителка која си поднесе оставка откако ѝ беше одземен токму овој предмет, набргу по изборот на актуелниот државен јавен обвинител Ненад Савески, оцени дека текот на настаните во врска со предметот „Талир 2“ оди во насока на отежнување на можноста обвинителството да бара конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во посебна постапка.
The post Левица: Савески ја одмрзна „белата палата“ и му ја врати насмевката на Мицкоски appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



