Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, кој извршил увид на местото на настанот, наредил обдукција на телото, како и прибирање и анализа на сите траги пронајдени на самото место и обезбедување снимки од видеонадзор
Безживотно тело на 67-годишен скопјанец, со повеќе убодни рани на него, доцна синоќа било пронајдено во возило паркирано во парк во близина на поранешната фабрика „Железара“ во Скопје, информираат за „360 степени“ од Министерството за внатрешни работи.
Станува збор за лекар, кој бил пронајден избоден до смрт во своето возило, потврдија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Телото на лицето со иницијали А.Т., како што информираат од МВР, го пронашле неговите синови кои тргнале да го бараат откако тој не се вратил дома од работа.
„На 21.3.2024 во 23:09 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило ‘киа’ со скопски регистарски ознаки, во парк во близина на поранешна фабрика ‘Железара’, со убодни рани по телото бил пронајден А.Т. (67) од Скопје. Според пријавеното, тој бил пронајден од своите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа“,
се наведува во информацијата од МВР.
Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.
Од МВР додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, но засега не соопштуваат повеќе детали за смртта на лицето.
За случајот во меѓувреме информираа од Јавното обвинителство на РСМ, од каде што велат дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото на настанот во скопската населба Железара. Оттаму потврдија дека станува збор за лекар, чие тело го пронашол неговиот син.
„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција, како и наредба за прибирање и анализа на сите траги пронајдени на лице место и за обезбедување на снимки од видеонадзор. Се преземаат дејствија за расчистување на настанот“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Дел од медиумите, повикувајќи се на полициски извори, неофицијално објавија дека станува збор за убиство на матичен лекар кое се случило пред поликлиника во близина на „Железара“.