Лутков: Македонија има потенцијал да стане единствена туристичка дестинација

Нашето културно наследство не е само трага од минатото, туку живо сеќавање кое продолжува да пулсира во сегашноста. Археолошките слоеви, духовната традиција, занаетчиското знаење и современата уметничка енергија го создаваат единствениот симболичен капитал на Македонија, вредност што не може да се реплицира или увезува, вели министерот за култура и туризам Зоран Лутков во интервју за МИА.

Според него, тука лежи потенцијалот земјата да стане дестинација што се посетува не само со очи, туку и со ум.

„Македонија мора да стане простор каде што историјата не се раскажува, туку се доживува; каде што наследството не се чува под стакло, туку се преведува на современ јазик преку дигитални алатки, нови наративи и современи уметнички практики“, вели Лутков.

Според него, одржливоста на туризмот не е само економски параметар, туку прашање на создавање длабоко и автентично искуство. Турист кој останува два или три дена не е само потрошувач, туку учесник во локалниот културен екосистем.

„Развиваме пакети од 48 и 72 часа кои нудат автентично и современо искуство. Ова е обид да се создаде ритам што му овозможува на посетителот да го почувствува местото преку археологија, музеи, гастрономија, уметнички настани и директни средби со локалната култура“, вели Лутков.

Тој додава дека гастрономските искуства се продолжение на културната мапа. Македонскиот бренд треба да биде видлив на сите туристички рути и топоними – од Стоби до винариите во Неготино, Кавадарци, Велес, Градско, Демир Капи, а промотивните знаци треба да ја истакнуваат Македонија уште пред границата со Србија.

„Македонија има живи занаети, живи песни, живи обичаи. Таа не е музеј, туку реалност. Целта е да се поврзат овие традиции со туризмот: работилници, интерактивни програми, културни ритуали, гастрономски искуства што ја раскажуваат приказната. Ја поставуваме современата култура како мост. Театарот, балетот, музиката, уметноста ја покажуваат Македонија како земја што не живее во минатото, туку го носи како сила за иднината“, вели Лутков.
The post Лутков: Македонија има потенцијал да стане единствена туристичка дестинација appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: