Луѓето со нулта крвна група имаат помал ризик од инфекција со коронавирус

Некои луѓе имаат поголем ризик од инфекција со новиот коронавирус SARS-CoV-2. Најранливите групи вклучуваат стари лица со хронични здравствени состојби, луѓе кои имаат трансплантирано витални органи, лица со одредени малигни заболувања или тешки респираторни заболувања, луѓе со прекумерна тежина…
Најнова студија даде и едно позитивно сознание – луѓето кои имаат нулта крвна група имаат помал ризик да се заразат со вирусот SARS-CoV-2 што предизвикува COVID-19.
Студијата е објавена во Annals of Internal Medicine и вклучува 225.556 испитаници чија просечна возраст е 54 години. Истражувачите откриле дека луѓето со нулта крвна група имаат 12% помал ризик од инфекција со коронавирус отколку луѓето со крвна група А, АБ или Б.


Покрај тоа, нулта крвна група исто така е поврзана со помала смртност од COVID-19. Ризикот од смрт или развој на тежок облик на COVID-19 бил 13% помал кај луѓето кои имале нулта крвна група.
Претходните студии кои ги испитуваа врските помеѓу коронавирусот и крвната група, исто така, имаа слични заклучоци. На пример, студија објавена во списанието Nature во ноември исто така откри дека крвната група влијае на тоа дали некое лице ќе развие посериозна форма на COVID-19.
Во студијата учествувале 14.000 луѓе, а откриено е дека луѓето кои немале нулта крвна група имале „малку зголемена преваленца на инфекција“.
Но, само затоа што имате нулта крвна група не значи дека сте имуни на COVID-19. Голем број фактори влијаат на ризикот од инфекција со коронавирус. За да се заштитите себеси и другите околу вас од коронавирусот, се препорачува да се придржувате до превентивни мерки што вклучуваат носење маска, одржување на физичко растојание, редовно миење на рацете и избегнување на големи собири.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.