Преработувачката индустрија – најголемиот работодавач во државата – изгубила 6.250 работни места за само една година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Бројот на вработени лица во Република Северна Македонија во 2025 година изнесувал 614.334, од кои 330.240 се мажи, а 284.094 жени, пишува Извоз.мк.
Во споредба со 2024 година, вкупниот број на вработени останал речиси непроменет и бележи минимално намалување од 0,1 отсто. Сепак, анализата по сектори покажува значителен пад на вработеноста во преработувачката индустрија – најголемиот работодавач во земјата, кој обезбедува работа за околу 20 отсто од вкупниот број вработени.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во преработувачката индустрија во 2025 година биле вработени 120.209 лица, што е за 5,2 отсто или за 6.250 лица помалку во однос на претходната година.
Од друга страна, раст на вработеноста е регистриран во секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, каде бројот на вработени се зголемил за 5,5 отсто и достигнал 29.170 лица. Зголемување од 3,3 отсто е забележано и во секторот Административни и помошни услужни дејности, каде лани биле вработени 29.054 лица.
Кои сектори најмногу вработуваат?
Податоците покажуваат дека трговијата останува втор најголем работодавач во земјата, со 106.250 вработени, што претставува 17,3 отсто од вкупниот број вработени.
Во 2025 година, транспортот и складирањето (логистиката) го надмина градежништвото според бројот на вработени. Во овој сектор работеле 34.510 лица, наспроти 34.446 вработени во градежништвото.

Бројот на работниците во македонската индустрија продолжува да се намалува и годинава. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот јануари-мај бројот на работниците бележи намалување од 3%.



