Македонcки газда на векот! Ги иcпpaтил cвоите 140 вpaботени на “ол-инклyзив” одмop со чapтep лет во Тypциja

Кога ќе ја читате рубриката „верувале или не“ вообичаено очекувате настани од светот, бидејќи необични и убави нешта за оваа рубрика кај нас речиси и да не се случуваат. Уште помалку се случува да се појави газда на фирма, кој за вработените ќе се грижи како за семејство, бидејќи секојдневно во медиумите се информираме за работници кои се навикнати да им доцни плата, да им се зема „К-15“, па и помошта од државата за време на пандемијата одредени фирми си ја присвоија.
Затоа засега во рубриката „верувале или не“ во Македонија газда кој отскокнува од овој список е Новко Плаќаноски, стружанец со бизнис во Охрид. Тука му е фирмата, кафулето и ресторанот. Летната сезона се уште не е завршена, но двата негови угостителски објекти се затворени – вработените се на одмор. Тој досега неколкупати неговите вработени ги частел одмор, но најинтересно е сега, во услови на пандемија кога на газдите им е полесно да отпуштаат, сопственикот на „ПН Метал“, ресторанот „Валентино“ и кафулето „ИТ“, вработените со чартер лет ги испрати на одмор во Анталија, Турција.


Кога му се јавивме и му кажавме дека сакаме да го пофалиме нему му падна незгодно, вели не сака да се експонира, бидејќи не направил ништо посебно.
-Јас не направив ништо посебно. Заминаа на заслужен одмор. Нема ништо чудно. Не е прв пат. Биле на одмор на места од екс Југославија, во Бугарија и во Македонија, но сега е прв пат да заминат подалеку. Заминаа на 12ти, пред неколку дена 126 вработени. Секако во фирмата се многу повеќе вработени, но поради семејни причини некои не можеа, а и со чартер летот толку можеа. Ова е еден вид заслуга, на некој начин. Нема потреба од никаква идеја овде, ниту, пак, дека јас сум направил нешто посебно. Едноставно треба да му се каже „фала“ на работникот. Ние сме еден вид семејство, така се однесувам со нив. Ние сите сме исти, луѓе сме. Газдата без работник не може никогаш да опстане, а и обратно, работниците не можат без газда. А кога сме веќе така поврзани убаво е да се почитуваме. Не е само одмор, се помагаме за се, за свадби, за раѓање, за недај Боже. Се она што може да се помогне се помага. Ќерка ми работи со мене, таа е дел од тимот, а другата е уште во школо. Фирмата се занимава со производство на шпорети, семејна фирма е по татко, по дедо. Платите не доцнат. Ако мене ми е убаво и ним треба да им е. Сметам дека работата за сите треба да е свето нешто, но според начинот на кој живееме денес, вработените се супер. Пак ќе речам, луѓе сме сите, нема ништо чудно во ова, рече Новко Плаќаноски за mms.mk и додаде:
„Ве молам не ме фалете толку, јас сум само човек“.
И така би требало да биде, но кај нас не е. За жал…

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.