Макрон до Трамп: Време е гневот да се претвори во акција против Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се надева оти „гневот“ на неговиот американски колега Доналд Трамп кон Русија конечно ќе се претвори во конкретни чекори, особено кога станува збор за заеднички санкции против Москва. Изјавата доаѓа по серија разорни руски напади врз Украина изминатиот викенд, кои повторно ја поттикнаа загриженоста на меѓународната заедница.

„Претседателот Трамп сфати дека кога претседателот Путин по телефон вели дека е подготвен за мир, или кога им кажува на своите пратеници дека сака прекин на огнот – тој всушност лаже“, рече Макрон на прес-конференција во Ханој, главниот град на Виетнам.

Макрон потсети дека и во минатото Трамп јавно ги осудувал нападите, но сега е време зборовите да преминат во дела.

„Во последните часови повторно го видовме неговиот гнев. Тоа е еден вид нетрпеливост и се надевам дека ќе се претвори во акција“, додаде францускиот претседател. „Се надевам дека ова негодување, што го делиме и ние Европејците, ќе се претвори во сериозен пакет санкции, кои ќе ѝ испратат јасна порака на Русија“.

Макрон нагласи дека е потребно заедничко дејствување на САД и Европа, зашто, како што рече, „во прашање е кредибилитетот на Западот“.

На 10 мај, повеќе европски лидери, меѓу кои и Макрон, отпатуваа во Киев заедно со американски претставници и ѝ поставија ултиматум на Русија – веднаш да прифати прекин на огнот. Во спротивно, се заканија со „масовни санкции“. Москва, меѓутоа, го отфрли ултиматумот и наместо тоа предложи нови преговори со Украина, кои досега не донесоа значителен напредок.

„Наш приоритет е да му дадеме рок на Путин – конечно сите да видат дека лаже кога зборува за мир. По тој рок, треба да следува вистинска и силна реакција“, истакна Макрон. И данската премиерка Мете Фредериксен остро ги осуди најновите руски напади.

„Путин преку ден зборува за мир, а навечер ја бомбардира Украина“, изјави Фредериксен по состанокот на нордиските лидери во Финска.

Таа нагласи дека сите нордиски земји се согласиле да ѝ даваат поддршка на Украина „онолку долго колку што е потребно“. Поддршката, според неа, ќе вклучува воена помош, инвестиции во украинската одбранбена индустрија и заеднички проекти со украински компании. Ситуацијата останува неизвесна, но Западот сѐ повеќе покажува подготвеност да преземе построги мерки – со надеж дека ќе се стави крај на војната.

Пронајдете не на следниве мрежи: