Маричиќ-Лосон: Фокус на реформите и јакнење на билатералните односи на двете земји

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во нашата држава, Н.Е. Метју Лосон, на која разговараа за процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ и за унапредувањето на соработката меѓу двете земји.

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Маричиќ, го информираше британскиот амбасадорот, Лосон, за одвивањето на скрининг процесот и ги истакна напорите што Северна Македонија ќе продолжи да ги вложува во сеопфатниот процес на реформи во општеството, што е исто така важно за забрзување на евроинтеграциите и динамиката на отворање и затворање на кластерите и поглавјата, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.

– Поддршката од Обединетото Кралство за развојна соработка со нашата земја се зголемија во 2018 година, како позитивна реакција на забрзаните реформски процеси кои ги правиме. Имаме успешна соработка на 3 твининг проекти предводени од партнерите на Велика Британија во областа на полициските реформи и кривичното правосудство, контрола на државната помош и унапредување на еднаквоста, рече Маричиќ на состанокот.

Амбасадорот Лосон го поздрави почетокот на преговорите и активниот пристап на Владата на Северна Македонија во првата фаза на пристапниот процес. Од страна на Лосон беше потенцирано дека можеме да сметаме на политичка, економска и развојна поддршка од страна на Обединетото Кралство, во унапредување на реформите, како наш клучен партнер.

На средбата беше разговарано и за актуелните случувања и предизвици со војната во Украина, одржливото снабдување со енергија и храна, при што беше изразен и заемен интерес за зајакнување на билатералните економски и политички односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство.

Вицепремиерот Маричиќ го информираше и за регионалните иницијативи во кои учествува нашата земја, истакнувајќи дека Владата е целосно фокусирана на политиката на соработка како една од основите за севкупниот напредок на регионот.

– Целта е од регионалната соработка да имаме поголем придонес во процесот на пристапување во ЕУ и преку Берлинскиот процес и преку иницијативата „Отворен Балкан“. На овие иницијативи гледаме како алатка за понатамошно забрзување на интеграцијата во регионот и граѓаните да имаат корист и економски придобивки, а не како замена на членството во Унијата, потенцираше Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ на новиот амбасадор му посака успех во работата и продолжување на добрата соработка како и досега.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.