Во првата епизода на документарната серија „Мајки шампиони“ која се емитува на телевизијата Арена, зборуваше мајката на Новак Ѓоковиќ, Дијана, која откри и детали од минатото кои не беа познати за јавноста.
„Новак никогаш не беше како другите деца. Не зборувам за тенис, туку за него како мало дете. Секогаш се разликуваше од другите деца бидејќи беше многу позрел. Тој сакаше да си игра, но немаше заматен вид, туку јасен, уште од кога се роди. Беше единствениот што немаше завој околу главата по породувањето“, започна мајката Дијана со својата приказна.
Дијана Ѓоковиќ не била класично амбициозен родител и не ни сонувала дека нејзиниот син ќе биде најдобар на светот.
„Не можев да замислам дека ќе биде најдобар, ниту во моите најлуди соништа. Кога почна да игра тенис, на ум имавме само да спортува. Никој од нас не играше тенис. Подоцна, на шест или седум години, пред да почне на училиште, го сместивме во камп на Копаоник каде што беа Јелена Генчиќ и Тенискиот клуб Партизан. Генчиќ рече дека не видела поталентирано дете на овие простори од Моника Селеш наваму“, додава мајката на Новак.
Новак бил талентиран, но тенисот е скап спорт, и морале да позајмуваат пари.
„Мојот сопруг веќе многу пати зборуваше на таа тема, се што кажа е точно. Срѓан многупати истураше од празно на празно. Од едни позајмувал, а за да им врати, од други земал пари и слично. Имаше многу непроспиени ноќи. Тој тропнал на илјадници врати за да најде спонзор кој ќе му помогне на Новак да замине во Австралија, Париз, бидејќи тоа се големи суми на пари. На крајот, бидејќи немавме опции, по секоја цена моравме да земеме менаџери од Израел. И тоа е многу скапа игра. Многупати разговараше со некои наши бизнисмени и луѓе што ги знаеше да инвестираат во Новак, не за да даваат пари, туку за да склучат договор. Меѓутоа, нашите не сакаа. Денес преку него би заработиле милиони“, вели Дијана.
Новак во кариерата само од тенисот успеа да заработи повеќе од 139 милиони долари.
Дијана потсети и на здравствените проблеми на Новак, на кој во 2010 година му беше откриено дека е нетолерантен на глутен. Србинот имаше низа успеси, но со популарноста дојдоа и проблеми, некои од нив морничави.
„Во Лондон во 2009 година, сите бевме чувани во куќата од Скотланд Јард, бидејќи албанските групи му се закануваа на Новак, затоа што ја поддржуваше акцијата „Косово е Србија“. Тогаш се плашев, бидејќи ти си во куќата, а Скотланд Јард е околу тебе“, открива мајката на Ѓоковиќ.
Таткото на Новак, Срѓан, е роден во Косовска Митровица, во блискиот Звечан останал до крајот на средно училиште, по што се преселил во Белград. Затоа поврзаноста на семејството со Косово е голема, а тенисерот држеше говори на собири во Белград и во зсрпскиот дел на Косовска Митровица по прогласувањето на независност на Косово.
„Многу тешко ми паѓа целата ситуација, сите знаеме дека историјата на српскиот народ се пишуваше на Косово. Косово е Србија и така треба да остане засекогаш“, рече тогаш Новак.