МВР тврди дека нема врска со дрогата пронајдена во полицискиот автомобил

Министерството за внатрешни работи не чувствува одговорност за дрогата запленета во службеното возило на МВР на границата меѓу Албанија и Црна Гора. Според полицијата, запленетата дрога датира од 2016 година, кога автомобилот и бил даден на оваа институција од Агенцијата за управување со конфискуван имот.
„Вработените во МВР немаат никаква врска со дрогата, туку таа била скриена во автомобилот, односно останала од 2016 година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа, а потоа дадено на Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што пак, е отстапено на МВР. Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврдило и албанското јавно обвинителство”, наведоа од МВР.
Во МВР прашавме дали има записник за примопредавање на конфискувани средства до јавниот обвинител? Дали е известено обвинителството и што е потврдено со вештачењето во кривичната постапка? и дали возилото „Крајслер војаџер“ ги поминал сите процедури пред да биде предаден на Агенцијата за управување со конфискуван имот? Министерството за внатрешни работи ни го испрати истиот одговор што вчера го испрати до сите медиуми. Во меѓувреме, албанското обвинителство и полиција немаат никакви информации за таков случај. Црногорската царина објави дека при проврерка на преминот Скубин меѓу Албанија и Црна Гора е пронајден канабис во автомобил со регистарски таблички на Северна Македонија, но без да даде детали за количината.


Алсат го истражува потеклото на автомобилот. Од податоците што ги обезбедивме од Царинската управа на Македонија, произлегува дека на 2 декември 2016 година, шведски државјанин бил уапсен на границата со Косово. Во тој автомобил, кој всушност е истиот „Крајслер војаџер“ што го користи македонската полиција, пронајдени се 32,5 килограми канабис во 61 пакет.
Во соопштението од Царината се наведува и дека во бункерот на автомобилот имало и кафе и ориз, што може да се види на фотографиите објавени од црногорската царина. За ова постои и видео снимка од заеднички проверки меѓу царинските службеници и полицајците. Информацијата дека автомобилот припаѓа на шведски државјанин ја потврдува и Агенцијата за управување со конфискуван имот. Оттаму велат дека автомобилот запленет во декември 2016 година е даден со одлука на МВР во ноември 2017 година, додека полицијата официјално го прифатила на почетокот на 2018 година.
Сега Јавното обвинителство го истражува скандалот. Засега обвинителството не дава никакви информации, но она што треба да се докаже останува дилемата како дрогата останала во автомобилот кога на снимките се гледа дека полицајците и цариниците го отвориле речиси целиот заден дел на автомобилот во 2016 година кога дрогата е запленета.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.