МВР треба да дава соодветни и точни информации, а не да прави хаос во перцепцијата на граѓаните


Министерството за внатрешни работи треба да дава соодветни и точни информации до граѓаните, а не да прави хаос во перцепцијата на граѓаните. Ова денеска го изјави техничкиот премиер Талат Џафери, откако деновиве техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со проблемот за издавање пасоши обвини за „саботажа“ во МВР, но дополнителниот заменик во МВР Митко Бојмацалиев излезе со демант.

Џафери рече дека како поднебје сме подложни секогаш кога има проблеми да се зборува за пречките, а не за решението, затоа на последната седница на Влада издал задача на Министерството за внатрешни работи на дневна основа да доставуваат информации за примени барања за издавање на документи, како и за издадени документи.

Посочи дека Министерството е надлежно како институција, без оглед дали го раководи лице од опозицијата или мнозинството, да дава точни и соодветни информации, а не да прави хаос во перцепцијата на граѓаните.

– Тие на дневна основа треба да ја информираат јавноста колку обрасци примиле, колку издаваат. Не би било соодветно јас да давам информации по тоа прашање. Мојот апел е да не се служат со неточни информации, најмногу штета им прави на тие што се служат со неточни информации. Ако идејата за дневна политика е кој колку поени ќе добие, а кој колку ќе изгуби, погрешен им е пристапот, оти надлежност е нивна и обврска да обезбедат услуга за граѓанинот, а не да се караат меѓу себе кој каков податок ќе дава. Така што, во тој контекст апелот е да се даваат точни информации и од таа причина официјално барав на дневна основа да се има извештај по однос на состојбите, рече Џафери.

Додаде дека во текот на денот очекува да го добие првиот извештај, со оглед на тоа дека пред два дена побарал од МВР да доставува информации на дневна основа.

Прашан дали тие што имаат дипломатски пасош со старото име се привилегирани во моментов, бидејќи пратеници објавија видео на социјалните мрежи како на македонско-бугарската граница приложуваат дипломатски пасош со старото име и без проблем ја напуштаат земјава, Џафери рече тој што патува со дипломатски пасош со старото име треба да биде разрешен веднаш. Разрешување односно одземање на мандат на пратеник, посочи, може само во случаи и на начин утврдени со Уставот, законите и деловникот на Собранието.

– Тоа е во делот на лажните вести. Дипломатски пасош со старото име не може да дава никој. Баш би сакал да видам кој е тој дипломат што патува со дипломатски пасош со старото име и да биде разрешен веднаш, рече Џафери.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на својот твитер профил објави видео во кое заедно со неговиот колега Миле Лефков на македонско-бугарската граница најпрво приложуваат пасош со старото име на земјава, а откако не им е дозволен излез од земјава, тие покажуваат дипломатски пасоши, кои исто така се со старото име Република Македонија и без проблем ја напуштаат земјава.

Лефков и Петрушевски повикаа на промена на законот за да се продолжи важноста на патните исправи и порачаа доколку СДСМ и ДУИ не сакаат да гласаат за законот со кој ќе се продолжи важноста на патните исправи за сите граѓани во земјава, тогаш етички и морално од нивна страна е да се откажат од дипломатските пасоши, за и тие како што велат, да се сочувствуваат со граѓаните затворени како во конзерва.

Џафери денеска беше во посета и надгледување на изградбата на градинката „Фидани 3“ во Општина Чаир, која како што најави до крајот на април треба да се стави во функција и во неа да бидат згрижени 300 деца.

– Објектот е современ, меѓу најголемите во квадратура која што се предвидува преку 300 деца ќе имаат можност да се сместат и тоа е она што треба да го направиме и го правиме во континуитет по однос на потребите и во Општина Чаир и пошироко од општината, за да можат да ги задоволат потребите и родителите и децата и персоналот којшто ќе биде ангажиран во работата и функционирањето на овој објект, рече Џафери.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: